БАРОН И ДАМА

Приказнава е вистинита. И несомнено, многу интересна. Од секој аспект.

Иде Нова година, па Божиќ, а со празниците ќе дојде и нова тура за помилување затвореници од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Да се надеваме дека на списокот повторно ќе има „интересни личности од негативен аспект“, како што вика претседателката, за да ни поминат празниците во забава и весело расположение.

Баш е интересно дека во првава тура амнестии, по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, меѓу помилуваните беше и некој член на нарко-банда со име „Барон“, осуден нешто за нелегално оружје. Припадникот на „Барон“ си живеел во затворот „Идризово“, ама секој ден одел и на работа. Па така, една недела пред претседателката да го помилува, одејќи, или враќајќи се од работа, поминувал низ Чаир и таму нешто пукал. Е така де, му се случило на човекот.

Полицијата уште го сомничи работливиот затвореник за учество во пресметка во Чаир. Поминува една недела по пукањето и човекот добива среќна вест. Претседателката му ја заменува казната затвор со условна казна. И така, за да го личи празникот, затвореникот на својот инстаграм профил јавно ѝ се заблагодарува на претседателката со зборовите: „Се гордеам што токму вие сте нашата прва дама на Републиката“.

Арно ама, членовите на Комисијата што ѝ го спремиле списокот за помилување на претседателката, во кои таа има целосна доверба, да не ти знаеле дека гордиот припадник на нарко-бандата бил обвинет и за друго дело. За обид за убиство. И таман кога помилуваниот затвореник излегувал од „Идризово“ како слободен човек, полицијата го уапсила. Сега е притвореник, па го преселиле во „Шутка“.

И – сето ова е вистина. Несомнено, приказнава е многу интересна. Од секој аспект.

Исто така, вистина е дека Владата постави директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) кој нема највисок безбедносен сертификат за државна тајна.

И ова е интересно. Од секаков аспект.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк

Back to top button
Close