Антикорупциска: Обидите за прикажување на постапувањето на ДКСК како причина за одложување или неактивност на други институции, се неоправдани
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), во предметот за именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, постапува во рамките на своите законски овластувања и надлежности, насочени кон проверка на можни судири на интереси, интегритет и транспарентност во постапките за именувања на раководни функции. ДКСК е независен орган со точно утврдени надлежности и во своето работење се води исклучиво од потребата за законито и транспарентно функционирање на институциите, реагираат од ДКСК откако од Јавното обвинителство вчера најавија дека доколку Антикорупциската комисија во разумен рок не ги испита наводите од предметот за Христовски, предмет за случајот ќе отвори Обвинителството.
„Информациите во јавноста за дуализам во постапувањето помеѓу ДКСК и ОЈО не соодветствуваат со реалноста, бидејќи двете институции имаат различни функции и институционална поставеност. ДКСК исто така истакнува дека нејзиното постапување во ниту еден случај не ги запира постапувањата на останатите надлежни институции од спроведување на надлежностите“,нагласуваат од ДКСК.
Одредени обиди за прикажување на постапувањето на ДКСК како причина за одложување или неактивност на други институции, додаваат оттаму, сметаме дека не се оправдани и може да внесат погрешни перцепции кај јавноста.
„Укажуваме дека нашата работа не ги заменува ниту ги одложува обврските на другите надлежни органи. Напротив, ДКСК ги поттикнува сите надлежни институции, да ги извршуваат должности во согласност со законските надлежности. ДКСК постапува во рамките на роковите утврдени со закон и тие рокови го диктираат постапувањето на ДКСК, обезбедувајќи така систематичен и транспарентен пристап во проверките. Потребно е сите надлежни органи да ја почитуваат институционалната рамка и надлежностите на ДКСК, со што ќе се обезбеди ефективно и транспарентно завршување на процесите од интерес на јавноста. Довербата во институционалниот интегритет на системот за спречување на корупцијата и одговорноста се градат преку доследност во извршувањето на надлежностите на секој орган поединечно“,
се додава во соопштението на Антикорупциската комисија.
Неполна недела по назначувањето на Бојан Христовски за нов директор на АНБ, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оформи предмет за неговото именување, по пристигната анонимна претставка во која била оспорена законитоста на неговото именување.Според извори во Обвинителството, на кои се повика порталот „Сакам да кажам“, ОЈО ќе ги испитува индициите за фалсификување на уверението за положен ТОЕФЛ-испит за познавање англиски јазик на Христовски. Ако сомневањата се основани, тогаш ќе се отвори предистрага и Обвинителството ќе бара докази со меѓународна правна помош од колегите од Бугарија, односно соработка со тамошното обвинителство.
Во интервју за „360 степени“ од минатата недела, Христовски рече дека во целост ги исполнува сите законски услови за именување на директорската позиција во АНБ, меѓу другото, дека поседува соодветен сертификат за познавање на англиски јазик – нешто што го оспори опозицискиот СДСМ, тврдејќи дека во Пловдив, каде што Христовски навел дека го добил сертификатот, не постои центар за полагање ТОЕФЛ-тест.