Последната шајка во делото на Фукујама

Пред некој ден пријатели ме прашаа за моја прогноза во врска со исходот на изборите во САД за некој ден. Им реков дека не ја следев доволно добро кампањата за дадам солидна проценка, но им ветив дека ќе исчитам што нудат одредени медиуми, тинк-тенк организации како јавна информација во наредниов период, па ќе им дадам моја проценка. И така, викендов читав и се сетив на Фукујама!

Во март 2022, кога навиката да се живее со корона-вирусот веќе беше создадена, имав особена можност како дел од Кабинетот на тогашниот претседател Стево Пендаровски да му дадам рака и да бидам присутен на средба со славниот Френсис Фукујама. Се сеќавам дека на средбата, покрај заедничкото оговарање на Џордан Петерсон, Славој Жижек, Илон Маск како и чудното прашање „Дали можеби Кина е (не)сакајќи на добар развоен пат”, особен момент кој создаде специфична аура во таканаречената Мозаик сала на претседателската вила во Скопје предизвика прашањето кое на Фукујама му го постави професорот Александар Спасов на средбата во својство на советник на нашиот претседател:

„Со почит која е неверојатно голема и без никаква желба да ве провоцирам, би сакал да Ве прашам дали сè уште стоите на Вашите ставови од делото ‘Крајот на историјата и последниот човек’, и како ги објаснувате настаните во светов последниве години, особено развојот на крајната десна политичка опција и нејзиното станување на мејнстрим политички избор во голем дел од западните демократии?”

 

Одговорот на Фукујама

И, сега, сите кои ја читате оваа анализа или колумна, а истовремено познавачи на делото на Фукујама, со нетрпение очекувате дека ќе ги прочитате тука зборовите на Фукујама и неговиот одговор! Но, јас како и секој добар трилер автор нема да си дозволам да го парафразирам големиот познат професор и ќе преминам на малата средба по главната средба на која јас го запрашав нашиот професор Спасов:

„Дали тоа Фукујама навистина умешно избегна да одговори на твоето прашање?”

„И мене така ми зазвуче”, одговори Спасов.

Кон почетокот на ‘90-тите, неколку месеци пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, професорот на Стенфорд и докторанд на Харвард, Френсис Фукујама ја објавува книгата насловена „Крајот на историјата и последниот човек”. Брилијантниот наслов всушност стои во одбрана на тезата дека во тој момент, крај на ’80-тите и почеток на ’90-тите, се случува апсолутен триумф на либералната демократија како најсовршената форма на човечко владеење. Односно дека падот на таканаречената „Железна завеса“ или Советскиот Сојуз и неговото губење на позицијата во светската доминација, според теоријата на Фукујама, имајќи го предвид економскиот и политичкиот развој на западните општества, требаше да ги направи сите „земји“ на некој начин либерални демократии или барем тоа да биде неизбежна цел кон која целокупното човештво ќе тежнее.

Теоријата на Фукујама имала, да речеме, поткрепа со одредени симптоми во тогашната геополитика, но, сепак, неговата теорија се сведе на желба на многумина (и на самиот автор на текстов), а сега во 2024 година сме сведоци како никогаш досега на еден сосема спротивен развој – зголемено влијание на авторитаризмот, влошување на економските и политичките кризи, и ерозија на демократските стандарди дури и во самите либерални општества.

Дури веројатно е дојдено време да признаеме дека и концептот за моќниот Вашингтон како чувар на светската демократија – очигледно прерасна во мит. Концептот длабоко втемелен во теориите на заговор, но и во реалната политика, веројатно не станува мит одеднаш, туку тоа е процес кој се заокружува во 2019 година, кога се случува којзнае кој по ред неуспешен обид на САД да го отстрани Николас Мадуро од власт во Венецуела. И покрај повеќекратните обиди, вклучувајќи дипломатски притисоци, економски санкции и поддршка за опозициските лидери, американската моќ и влијание делуваат беспомошни во борба против очигледна диктатура и тоа на свој, би рекол, „домашен терен“ во Америките. Очекувањата дека САД ќе ја чуваат демократијата низ светот стануваат всушност – Крајот на историјата – овојпат не на Фукујама. Доколку САД не успеваат да постигнат стабилност во својот непосреден „двор“, тогаш, може да се заклучи дека нивниот потенцијал да влијаат во Европа, особено во јужнословенските земји и постсоветските држави во интерес на заштита на демократијата, е комплетно невозможен.

 

„Средба на маргините“

Се сеќавам, истата таа вирусна 2022 година, неколку месеци по Фукујама, во јуни месец, учествувавме како државна делегација на Самитот на НАТО кој се одржуваше во Мадрид. Исклучително значаен за Македонија затоа што баш во тие денови се случуваше кулминацијата на прифаќање или не – на втората подобрена верзија на „Францускиот предлог“ со кој ние ќе ги ставиме Бугарите во Устав, а тие ќе го кренат ветото за отпочнување на преговори за членство на Македонија во ЕУ. По нашето македонско одбивање на првата верзија, лобирањето и инсистирањето од страна на нашите сојузници за да се прифати „подобрената“ втората верзија се случуваа со сиот сериозен интензитет токму низ ходниците на „Institución Ferial de Madrid“ односно Конгресниот саем во Мадрид, каде што се одржуваше НАТО-самитот. Иако можеби овие настани од Мадрид се сосема друга тема и веројатно малку поопширно би требало да се стават на хартија, за потребите на мојата и приказната на Фукујама ќе искористам анегдотално дел од тие средби. Стоев настрана и внимателно го следев таканаречениот pull aside – она што во нашето новинарство се нарекува „се сретнаа на маргините“ – меѓу претседателот Пендаровски и државниот секретар на САД, Антони Блинкен како прерасна во, на некој начин, неочекувана тет-а-тет средба со седење. Стоев заедно со Карен Донфрид, тогашен помошник секретар за европски и евроазиски прашања – или оперативната функција од исклучително значење за „нас“ во овој дел од Европа. Таа, се разбира, го чекаше својот шеф, Блинкен, и претпоставувам воопшто немаше идеја со кого стои, веројатно мислеше некој дечко од кабинетот на Пендаровски. Свесен за моментот се обидов да вкрстам неколку искрени реченици и да ја искористам приликата да лобирам за мојата земја.

„Последиците доколку помине овој предлог ќе бидат повеќедецениско уназадување на демократските процеси не само во Македонија, туку во регионот”, беше првото нешто кое ѝ го кажав!

“Веројатно знаете што жртвуваше Бугарија, нејзиниот премиер и неговата влада одат во историја, паѓаат заради овој предлог”, ми одговори Донфрид.

„Нивната влада паѓа во секој случај и без овој предлог, тоа е реалноста кај нив. Главната причина за паѓање на нивната влада не е овој ‘Француски предлог’, но веројатно одлично дипломатски Петков тоа го продал на сите негови сојузници. Овој предлог кај нив помина поддржан од сите политички субјекти и пред да им падне владата, а поддршката на Брисел и Вашингтон е нивна дипломатска победа, но сериозен пораз на долга патека за сите вклучително и вас”, ѝ одговорив.

„Како мислите? Нивната отстапка е толку голема што по ова им паѓа владата, тоа е очигледно”, ми ја повтори истата реченица.

„Свесен сум дека паѓа нивната влада, но контекстот е далеку поголем – кај нас паѓа демократијата“…

Главните станаа, а мене ми беше јасно дека дипломатот од искуство не ме разбра мене како некој што ниту ги почитува ниту ги поседува дипломатските вештини, што сакав да ѝ кажам. Шефовите станаа и го завршија состанокот, а толку беше и од мојот обид да „влијаам“ и „лобирам“.

Тоа што од денешна перспектива ми е јасно е дека личноста која во тој момент во Вашингтон ја имаше главната оперативна диригентска палка за регионот каде што влегува и Македонија, дефинитивно немаше ниту знаење ниту разбирање за широкиот политички контекст и комплексноста ниту на Балканот, а особено на мојата земја. Дека ова е точно укажуваат три настани по Мадрид или појасно – Косово и Србија не спроведоа ништо или можеби и не договорија ништо, Бугарија седум години не може да направи политичка влада, во Македонија се случија длабоки политички промени и сериозен пораз на социјалдемократските политики и вредности за кои постоеше поддршка од „пријателите“.

Тогаш првпат го сфатив тоа што не сакав да го признаам со Мадуро и Венецуела, а тоа е фактот дека Фукујама дефинитивно тотално ја утнал во книгата, а либералната демократија треба да се чува сама од „себе”.

 

Поразите на либералната демократија

И, дојдов до воведот и изборите во САД во 2024 година. Факт е дека нестабилноста на политиките на САД имаат и ќе имаат импликации коишто се протегаат низ целиот свет. Денеска веќе станува јасно дека кризите се интегрален дел од политичките настани во речиси цела Европа и не станува збор за инциденти, туку за реална политика. Во Молдавија се одржа референдум за тоа дали е посакувано членството во ЕУ. Резултатот е половичен и во интерес на евроскептицизмот и, се разбира, пораз на либералната демократија. Доколку укажеме на тоа дека Романија како земја членка на ЕУ има сериозно влијание во Молдавија, а од друга страна пак постои територија Транснистрија во Молдавија, која е под воена окупација на проруски милитанти власти, можеме само да очекуваме нестабилност на таа територија и веројатно конфликт. Многумина се исто шокирани и од изборните резултати во Грузија, каде што, неверојатно, после цели 25 години, победуваат проруски наменски политички креирани субјекти, и тоа сѐ додека дел од Грузија сѐ уште е под окупација на проруски милитанти во регионот на Северна Осетија. И, на крај, да се потсетиме како заврши Ерменија пред една година, кога Азербејџан воено ги поврати териториите Нагорно Карабах без никаков одговор од Ерменија, која овојпат, за разлика од пред 30 години, немаше никаква поддршка од Москва. Резултатот го гледаме една година подоцна, Ерменија како да сфати кој треба да ѝ биде пријател и си дојдоа на самитот на Брикс минатата недела.

Слично е и кај нас на Балканот, државите кои претходно го сметаа Западот за партнер и чувар на демократските стандарди, сега се соочуваат со различни предизвици и геополитички ривалства што го комплицираат нивниот пат кон трајна стабилност. Во таков амбиент, влијанието на Русија не е милитантно и изразено како во постсоветските земји, но е постојано и присутно и поради историските перспективи, но и културно, а особено религиозно поради православната црква како сврзно ткиво врз речиси сите јужнословенски земји, па дури и во една Бугарија која е членка и на НАТО и на ЕУ.

Кој би рекол дека Балканот ќе ја закова последната шајка во делото на Франсис Фукујама?! Србија, под раководството на Александар Вучиќ, е добар пример за ваквата комплексност, со својата позиција на формална „неутралност“ која ја оддалечува од постсоветските сојузи, но истовремено ја држи блиску до идеологиите на десничарскиот популизам и национализмот коишто стануваат сè позастапени во Европа. Балканот е всушност еден од регионите каде што се судираат сите овие различни влијанија, а натамошната геополитичка ориентација на државите во регионот е речиси извесна. Очигледна е орбанизацијата како роднински систем на путинизмот во Европа и дека истиот успешно влезе кај нас директно, односно нема повеќе посредници на брзата пруга Будимпешта – Скопје, Белград е само во попатна станица.

Идеалот на Фукујама за „крај на историјата“ очигледно никогаш не бил реален, иако тие години бил близу, барем според настаните. Либералната демократија, иако е многу привлечна како концепт, не е универзална цел што сите држави можат или сакаат да ја остварат. Политичките битки денеска се далеку подлабоки, и историјата не само што не завршила, туку изгледа дека е подготвена да продолжи со поголем интензитет.

Во однос на изборите во САД, според мене, шансите се со големина на иглени уши во корист на Камала Харис, но за жал дури и со нејзина победа сите претходни порази на

либералната демократија се толку големи што се конечни и неповратни како процеси. (Dw)

Фукујама не бил во право.

Миле Бошњаковски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close