Архиепископот Стефан бил поканет во Софија, па му откажале во последен момент?


Архиепископот на МПЦ-ОА Стефан бил поканет да патува во Софија, но во последен момент му била откажана посетата, објави порталот „Религија.мк“, повикувајќи се на добро информирани извори од БПЦ.

„Поглаварот на МПЦ-ОА требало да отпатува во Софија на 30 октомври и да учествува во литургијата во чест на српскиот Крал Стефан Милутин,(чие тело се наоѓа во црквата Света Недела во Софија) заедно со патријархот на БПЦ, Даниил и уште двајца владици на СПЦ, Тимочкиот Иларион и Нишкиот, Арсениј. Поканата бил по иницијатива на Партијархот Даниил, а архиепископот Стефан ја прифатил и се подготвувал за пат“, пишува порталот. Сепак, според изворите на „Религија.мк“, непосредно пред патувањето бил известен дека не треба да патува.

-Патријархот Даниил сам го поканил, а поканата била без одлука на Синодот на БПЦ. А кога станува збор за покана на поглавар на друга црква за посета, потребна е одлука на Синодот. И од тие причини дел од владиците на Синодот реагираа. Дополнително реагираа, зошто е поканет за учество на литургија за српски светител, а досега не бил поканет, иако имало позначајни поводи за таква посета. Очигледно е направен гаф, велат изворите на религија.мк.

Неофицијално, веста дека не треба да патува во Софија, на Архиепископот Стефан телефонски му ја соопштил митрополитот Кипријан од Стара Загора, кој има пријателски релации со МПЦ-ОА.

Back to top button
Close