Си-Би-Ес: Гласовите на жените во седумте колебливи држави можат да бидат пресудни

Победникот на денешните претседателски избори во САД би можел да биде одлучен според гласовите на жените ширум земјата, покажува анкетата спроведена од Си-Би-Ес Њуз.

Во анализата на резултатите од истражувањето се наведува дека потенцијално одлучувачките гласови им припаѓаат на жените во седум „свинг“ сојузни држави, односно оние држави за кои однапред не се знае кој кандидат ќе победи на нивната територија.

Демократската кандидатка Камала Харис смета на жените од предградијата да гласаат за неа, добивајќи неочекуван поттик во последните денови од кампањата од групата „Жените за САД“ (Women4US), која има за цел да апелира на жените со конзервативни ставови.

-Ќе го испратиме (републиканскиот кандидат) Доналд Трамп да се спакува, а потоа можеме да почнеме да разговараме продуктивно и да постигнеме компромис за прашања кои се важни за сите нас, изјави коосновачот на „Жените за САД“, Срефани Шарп.

Таа истакна дека пораките на групата се насочени кон жените кои биле исклучени од реториката на Трамп за време на кампањата и неговата улога во поништувањето на одлуката на Врховниот суд на САД Ро против Вејд.

Од друга страна, Трамп за време на неодамнешниот митинг во Висконсин рече дека „сака да ги заштити жените“ и дека ќе го стори тоа „сакале или не“.

Си-Би-Ес објави дека жените поддржувачи на Трамп се скептични за пораките на „Жените за САД“ и не веруваат дека Харис има поголема поддршка од жените во земјата.

Неименуван висок функционер од кампањата на Трамп изјави за Си-Би-Ес Њуз изјави дека дури и ако Харис подобро се справува со жените, тие мислат дека популарноста на Трамп меѓу мажите е повлијателна.

Американците денеска ќе излезат на гласање за да го изберат новиот, 47. претседател на САД, но ќе гласаат и за членовите на Конгресот, кои имаат клучна улога во носењето закони. Ова се 60-ти претседателски избори по ред, а се одржуваат заедно со избори за сите места во Претставничкиот дом и 33 места во Сенатот.

Back to top button
Close