Зеленски: На Украина и се потребни пакети со оружје, а не зборови
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека е неопходно заеднички и одлучно да се дејствува на меѓународно ниво и побара пакети и оружје „а не само зборови“.
– Секој пат кога Русија се обидува да ги уништи нашите животи, клучно е да одговориме колективно и одлучно на меѓународно ниво за да го намалиме и блокираме потенцијалот за терор. На Украина и е потребна сила да го постигне тоа. Тоа е единствен начин да се постигне праведен мир и да заврши убивањето на нашиот народ. Противвоздушни капацитети со долг дострел, пакети оружје и санкции против агресорот – тоа се акции кои се бараат, а не само зборови, објави Зеленски на Икс.
Тој потсети дека во текот на ноќта руските сили нападнале неколку украински градови со беспилотни летала и проектили, вклучувајќи ги и регионите Одеса, Харков и Киев.
Во овој момент се познати повеќе од 20 жртви во Харков, меѓу кои и едно дете. Оштетени се станбени згради и инфраструктура. Како резултат на нападот во Одеса, има оштетувања на обични куќи. Едно лице загина. Девет лица се повредени. Итните и спасувачките операции во Запорожје продолжуваат со работа по вчерашниот напад во кој загинаа осум лица, а повеќе од 40 лица беа повредени, меѓу кои и четири деца, наведе Зеленски.
Тој додаде дека во 12 региони во текот на ноќта украинските сили собориле 62 дронови и четири наведувачки ракети Kх-59/69