Многу ветувања и по некоја лекција за бракот – што им порача премиерот на студентите?

Вашите проблеми се наши важни приоритети. Владата е решена да ви даде силна поддршка и да создаде услови во кои вашиот труд, талент и амбиција ќе може да блеснат. Ќе продолжиме да инвестираме во вас, вашите соништа, и вашата иднина. Ова се дел од пораките што премиерот Христијан Мицкоски ги упати пред студентската заедница вчеравечер, на одбележувањето на Меѓународниот ден на студентите.

Од културниот центар Лабораториум, на настанот во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Националното студентско тело (НСТ), премиерот најави „големи промени“ за студентскиот стандард.

„Нашата визија за образованието и младите е едноставна – да создадеме систем кој ќе ви даде можност да се равивате, без ограничувања и без бариери. Со гордост можам да кажам дека веќе работиме на големи промени“, изјави премиерот Мицкоски.

Тој ги потврди најавите на министерката за образование и наука Весна Јаневска, која на настанот рече оти догодина ќе продолжи изградбата на новите згради на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ), а најави и повисок буџет за студентски стандард.

„А веќе од следната календарска година, за месец и половина од сега, за дополнително да ви го олесниме студирањето, обезбедуваме поголем буџет за студентски стандард во однос на претходните години. Годинава, 30 милиони евра ќе бидат издвоени за студентскиот стандард, што претставува 18 отсто повеќе од претходната година“, изјави Јаневска.

Мицкоски упати, како што рече, две „главни“ пораки до студентите – со првата им порача дека „колку е посилно и помоќно образованието, толку посилна и помоќна ќе биде и државата“, а со втората им одржа своевидна лекција за брачна заедница.

„Мораме да се бориме за полна држава со млади луѓе: за многу деца во градинките, за многу деца во училиштата, за многу млади луѓе на универзитетите. Тоа значи брачна заедница помеѓу сопруг-маж и сопруга-жена. Тоа значи дека само така можеме да бидеме држава и општество коешто ќе се развива и коешто нема да биде оставено, за жал, на генерациите коишто полека но сигурно го поминуваат својот живот“, изјави Мицкоски пред студентите.

„Затоа, не бегајте од таа обврска. Затоа што, таа обврска во суштина претставува сè во вашите животи. Затоа што формирањето на семејство значи патриотски чин. Тоа што ќе го оставите за татковината е она коешто ќе го оставите позади вас, а тоа се вашите деца, вашето знаење, вашиот труд и вашата енергија. И конечно, кога ќе заминеме сите од овој свет, сето тоа ќе зборува за вас, како сте поминале додека сте биле на овој свет“, рече премиерот Мицкоски пред идните интелектуалци.

Првиот човек на Владата во својот говор кажа дека патриотизмот во 21 век значи силно образование со многу знаење.

„Колку тоа образование е посилно и помоќно, во толку помоќна и посилна држава ќе живееме. А целта на сите нас е да ја направиме државата силна, моќна. Македонија да биде онаква каква што мојата генерација сакаше да биде. Затоа што, колку е таа посилна, толку е и мојот дом и вашиот дом повеќе вреден“, кажа Мицкоски, апелирајќи до студентите да останат дома и да се изборат за, како што рече, „Македонија каква што сакаме да ја видиме. (Мета)

Back to top button
Close