Паника кај државно-вработените во САД откако Илон Маск откри имиња на федерални службеници планирани за отпуштање
Идната администрација во Вашингтон најави драстични кратења на федералната влада а за тоа надлежни ќе бидат Илон Маск и Вивек Рамасвами, поради што, илјадници функционери и професионалци стравуваат од губење на работата.
Тие сега имаат нов проблем – да не станат директна мета на нападите на најбогатиот човек во светот и неговите милиони следачи на Икс.
Маск неодамна сподели скриншот на Икс (поранешна социјална мрежа Твитер), со имиња и функции на четворица државни службеници кои работат како советници за заштита на околината и климатски промени. Според Си-Ен-Ен ова предизвика стравување кај многу службеници да не станат мета на онлајн напади од страна на потписиниците на Маск, кои на Х се над 200 милиони. Оригиналниот пост, кој веќе има 28 милиони прегледи, наводно ги изложил овие лица на бран од негативни критики од неговите следачи.
Маск сподели порака од друг корисникот кој напишал: „Внуката на Ненси Пелоси не треба да биде платена 181.648 долари (годишно) од даночните обврзници во САД за да биде ‘Советник за клима’ во Министерството за станбен и урбан развој (ХУД)“.
При повторното споделување на твитот, Маск саркастично коментираше: „Но можеби нејзините совети се восхитувачки.“
Според „Си-ен-ен“, еден од државните службеници чие име стоело во објавата веќе ги избришал своите профили на социјалните мрежи. Случајот следи по претходните стравувања за можни отпуштања под новата администрација поради предложените редукции во федералната влада. Иако информациите што ги споделил Маск се јавно достапни, неговите постапки навлегуваат во доменот на приватноста и безбедноста на државните службеници, особено на оние со понеистакнати улоги.
Според извештајот, неколку американски државни службеници изразиле загриженост за својата безбедност и работни места, бидејќи цел на Маск сè почесто се бирократи. Некои службеници изјавиле дека се чувствуваат физички загрозени па поради тоа биле јавно истакнати од него, додека други стравуваат дека постојаната закана од негов напад ќе ги принуди да ги напуштат своите работни места, со што фактички ќе се постигне целта на Маск за намалување на владата без формален процес на ревизија.
Во изјава за „Си-ен-ен“, Еверет Кели, претседател на Американската федерација на државни службеници, која претставува над 800.000 од 2,3 милиони цивилни федерални службеници, рече: „Овие тактики имаат за цел да посеат терор и страв кај федералните службеници. Целта е тие да се заплашат а со тоа и да не проговорат.“
Маск има историја на јавно таргетирање на лица кои ги смета за пречки или кои направиле грешки, вклучувајќи вработени во своите компании и федерални службеници.