(ВИДЕО) Според Митева изјавата на премиерот дека обвинителките не апсат кога “имаат добиено“ не била навреда
„Дали вие сте слушнале освен тоа, кога на некој обвинител, кога треба да потпише налог за приведување или претрес, му се слошило, добил дијареја, со гушење, покачена температура, или добила итн. Секогаш тие наоѓаат некаков начин да ја опструираат акцијата на органите на прогонот“, кажа премиерот Мицкоски во дел од својата вчерашна изјава, за која денеска беше побаран коментар од владината портпаролка.
Портпаролке, ако може само да ми кажете, како жена, како се чувствувате кога премиерот Мицкоски вчера, на пример, кажа дека нема да толерира обвинителки коишто имаат добиено кога треба да апсат? гласеше новинарското прашање што ѝ беше упатено на портпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференција.
Директен повод е, како што сугерира и наративот на самото прашањето, вчерашниот одговор на прашање кон премиерот околу наводите дека претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, вложила заложби да ѝ биде продолжен мандатот за уште неколку месеци.
Во одговорот, тој најави робусна борба против корумпирани судии и обвинители, со кои, како што рече, ако треба ќе се справат и на поинаков начин и, меѓу другото, рече:
„Сè додека тие луѓе се присутни и во обвинителството и во судството, за жал, ние не можеме да одиме чекор напред во борбата со криминалот и корупцијата и сенките од минатото коишто се дел од тоа политичко мочуриште кое го зароби ги обвинителството и судството. И на секоја седница на Влада го добивам истиот одговор: ‘Да, доставено е’. Што значи дека имаме стотици случаи доставени до обвинителството. Дали вие сте слушнале освен тоа, кога на некој обвинител, кога треба да потпише налог за приведување или претрес, му се слошило, добил дијареја, со гушење, покачена температура, или добила итн. Секогаш тие наоѓаат некаков начин да ја опструираат акцијата на органите на прогонот. Јас сум жестоко разочаран од ова што се случува денеска, но, верувајте, нема да бидам уште долго, туку ќе влеземе во една робусна акција и ако треба со тие корумпирани судии и обвинители ќе се справиме и на поинаков начин“
Состојбите во Судскиот совет и во правосудството беа почетните елементи со кои Митева одговори на денешното прашање, велејќи дека премиерот во ниедна состојба не го навредил ликот и делото на која било жена.
„Јас можам да кажам дека во рамки на она што се случува во Судскиот совет и во правосудството во целина, можеме да видиме дека состојбите коишто ги има таму и коишто треба да се случуваат во рамки на поднесени кривични постапки, се случуваат состојби коишто навистина се несвојствени. Познавајќи го начинот на комуникација на премиерот можам да кажам дека во ниедна состојба немал навреда по однос на ликот и делото на било која жена којашто се занимава со општествена работа или, пак, е дел од политиката и жена во целост“,рече Митева.
На дополнителното прашање од новинарката кое гласеше: „Би го осудиле доколку го кажал ова, така?“, Митева рече: „Мислам дека ви дадов одговор“.
Во однос на самата најава на премиерот за робусна акција против обвинителите и судиите кои, како што кажа тој, го спречуваат спроведувањето на правдата, Митева од истата новинарка беше прашана дали со ова повторно се враќа партизираното судство и дали има нови тефтерчиња со подготвени судии и обвинители коишто би апселе по налог на власта.
Во врска со ова прашање се разви своевидна дебата меѓу новинарката и Митева, во која двете споделија спротивставени гледишта на изјавата на Мицкоски.
„Новинарката: Бидејќи ова е своевиден притисок врз обвинителите и судиите, таква изјава премиер не би смеел да даде, дека робусно ќе им влезе на обвинителите и на судиите, тоа се три одделни власти, односно во случајот две одделни власти, извршна и судска. Во врска со ова, дали се враќа повторно партизираното судство и дали има нови тефтерчиња со подготвени судии и обвинители коишто би апселе по налог на власта.
Митева: Кој го кажува овој став дека е притисок, јас не можам да се согласам.
Новинарката: Како правник го кажувам јас, затоа што имам завршено правен факултет, сум правник по професија и новинар, така што тоа е своевиден притисок. Тоа што обвинителите или судиите не реагираат на таа изјава не значи дека не е притисок, да сами им текне дека треба да прават нешто што го сака актуелната власт.
Митева: Многу ми е драго што имате од спротивната страна правник со кого разговарате, така што можеме да ги вкрстиме правните аргументи и да ви кажам дека тоа е ваш личен став и не станува збор за притисок. Многу ми е жал што не можете можеби да видите дека кога имате два проценти доверба во правосудството во целина, кога граѓаните ви велат дека правосудството е навистина девастирано, партизирано, да се согласите дека станува збор за притисок кога некој сака да ги промени работите. Жал ми е што имате такво размислување.
извор: 360Степени