Апасиев ја оспори валидноста на факултетската диплома на директорот на АНБ
Факултетската диплома на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски е проблематична, обвини вчера пратеникот Димитар Апасиев на собраниската седница за пратенички прашања. Премиерот Христијан Мицкоски пак му одговори дека споделува нецелосни податоци.
Додека пратеникот Апасиев говореше, во рацете држеше уверение и диплома со името на Христовски за завршено високо образование, а за кои рече дека ги добил од свиркач. Тој појасни, дека за да Христовски биде назначен за директор треба да има завршено факултет со најмалку 240 кредити, односно 7/1 степен на образование во научните подрачја – општествени науки, природно-математички и техничко-технолошки науки. Овој услов не му го овозможува дипломата на ДИФ и магистратурата на безбедност. Затоа тој приложил дека во 2023 година завршил Економски факултет на приватната образовна установа Универзитет за туризам и менаџмент-Скопје.
Апасиев, покажувајќи го уверението од Економскиот факултет, нагласи дека во него има три спорни елементи.
Првиот, како што рече, е што во него се цитира член 238 од Статутот на универзитетот врз кој е издадено уверението, но она што тој го набавил е статут кој завршува со член 165, што според него значи дека правниот основ по кој е издадено уверението отсуствува.
-Вториот спорен момент е токму она што го зборува министерката за образование, а тоа е преку ноќ добиваат дипломи. Тие 240 кредити се четиригодишни студии и тоа значи секоја година по 60 кредити. Во уверението стои вака: учебна година на запишување на студиите е 1 септември 2022 година, а датум на завршување на студиите е 14 август 2023 година. Овој лик успеал да положи четири години на економски факултет во неполни 11 месеци, тоа се вклучително 38 испити со се дипломскиот завршен труд значи скоро 40 испити, рече Апасиев.
Третиот проблематичен аспект, како што рече, е тоа што Универзитетот што ги издал дипломата и уверението во јануари 2023 година од Универзитет за туризам и менаџмент се преименува во Универзитет Скопје.
Тоа, според Апасиев, значи дека во правниот промет престанува тоа правно лице и продолжува другото.
-Но, симптоматичното што е? Во јануари 2023 година печатот на установата е Универзитет Скопје. Во август истата година, осум месеци подоцна, печатот на ова уверение е од стариот универзитет. Како може, ако престанало да постои тоа правно лице печатот да е се уште во правен промет, праша Апасиев.
Според него, спорна е и дипломата на Христовски за која рече дека во неа одговараат само името и презимето на лицето.
Пратеникот образложувајќи дека во образацот за дипломи кои секоја образовна установа треба да ги издава, точно се знае колкава големина треба да биде таа, на каква хартија да се печати и со која техника.
Во дипломата на Христовски, според Апасиев, има дури седум суштествени повреди кои таа ги нема, а правилникот ги бара.
-Нема основач на високо-образовната институција, нема решение на Министерство за обрзование и наука со број и датум за акредитација, нема процесчна оценка со која дипломирал кандитатот, нема академски стручен степен во меѓународен промет, односно назив на англиски, нема сериски број на дипломата, нема број и датум на главна книга и бидејќи е фотокопија јас не гледам два печата универзитетски и факултетски освен еден воден жиг што е на средината, додаде Апасиев.
По изнесувањето на сите овие информации, Апасиев упати прашање до премиерот Мицкоски за тоа дали е запознаен со овие наводи и дали ова е доволен основ да биде испратен просветен инспекторат да ги провери овие наводи.
Премиерот Мицкоски, додека на говорницата пребаруваше податоци во телефонот, рече дека документите што некој ги доставил до Апасиев не се целосни.
-Поврзано со сето ова што го истакна би сакал да дадам само неколку аргументи што успеав да ги прибавам, исто од свиркач што и мене ми ги достави. Уверение за положени испити од прв циклус издадено од 27.12.2022, го имате ли тоа Апасиев? Тоа е дека студентот Бојан Христовски се стекнал со 180 кредити и истите овие предмети се препишани на уверението издадено една година подоцна, односно 14.08.2023 година со вкупно 39 заедно со дипломскиот труд. Првичното уверение има 31 положен испит, заклучно со дипломскиот труд, издадено на 27.12.2022 и потоа уште осум предмети се положени, одговори Мицкоски.
Тој најави дека инспектори од Државниот просветен инспекторат треба и ќе се пратат и тоа на сите универзитети.
-Не само на овој универзитет, ќе има на сите и ќе добијат разумен рок доколку не ги исполнуваат условите да ги отстранат неправилностите, ако не ги отстранат тогаш тие ќе бидат санкционирани со тоа што е предвидено согласно закон, рече Мицкоски.
На одговорот на Мицкоски, Апасиев рече дека од вкупно четири основи што ги кажал побиена е само една.
-Ме радува фактот што ќе пуштите просветна инспекција, впрочем мене ми пуштале и Спиро Ристевски и Драги Рашковски. Се надевам дека оваа тема нема да ја забошотите и нема да направите дополнителен владин кавер ап, затоа што имаше ситуација ќерки на професори на Правен факултет, советници кај Пендаровски кои што буквално за запирки им висеа кариерите, а ова не станува збор за запирка, туку за суштински правни пропусти, додаде Апасиев.