Здравствените работници ќе добијат поголеми плати, се зголемуваат коефициентите во Колективниот договор
Здравствените работници ќе добијат повисоки плати откако денеска министерот за здравство Арбен Таравари потпиша анекс на Колективниот договор за здравствена дејност со репрезентативниот Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Таравари вели дека откако се коригирала минималната плата во март годинава кога таа била зголемена од 29 739 денари на 33 352 денари се направиле корекции и во коефициентите во Колективниот договор во сите групи на сложеност, со коефициент 0,233, што во бруто износ е 3 636 денари.
„Покачувањето за сите вработени во здравствената дејност ќе биде некаде околу 2 450 денари во нето износ. Има корекција за сестрите со средно образование кои ќе имаат повисок износ, освен усогласувањето, ќе има и одредено покачување на платата кај нив во нето-износ од 3 850 денари“,
рече Каранфиловски.
Таравари во појаснувањето рече дека Колективниот договор ги содржи сите профили на здравствени работници со средно образование и тоа медицински сестри кои се најмногубројни, лаборанти, физиотерапевти и други здравствени работници со средно, за кои е предвидено покачување за 5 681 денари, во бруто износ.
Друга промена, рече таравари, е и тоа што била извршена корекција за звањата со која фармацевтите како здравствени работници со високо образование се изедначени со докторот на медицина и докторот на стоматологија.
Исто така, се предвидува повисоки коефициенти на сложеност да имаат и докторите на медицина кои работат во итна медицинска помош, како и здравствените соработници физичари кои работат на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Зголемување на платата, како што рече Таравари, ќе имаат и оние што работат во оддел на геронтолошка и палијативна здравствена заштита, како додаток за работа во услови покомплексни од редовните.
Вработените во интензивното лекување на Универзитетска клиника за детски болести, исто така ќе добијат повисоки плати со што, како што рече Таравари, ќе се исправи неправдата која им била нанесена изминатиот период кога беа изоставени.
Предраг Серафимовски од Синдикатот на Клинички центар рече дека оваа борба била заедничка и со министерот за да се постигне успехот. Тој посака што е можно побрзо да се соедини Клиничкиот центар.
Освен за покачувањето на платите, Таравари информираше и дека на околу илјада лица, што работат со договор на дело на клиниките и во јавните здравствени установи, ќе треба да им биде трансфериран работниот однос на неопределено време. Министерот очекува процедурата да заврши до Нова година затоа што веќе има усогласен став во Владата за ова прашање.
Според проценките на Министерството, во јавните здравствени установи има помалку од 2 000 лица кои работат со договор на дело. За другите на кои сега нема да им биде трансфериран работниот однос, министерот најави дека ќе се ангажира да се им реши статусот следната година.