Прекинат бојкотот во ОУ „Лазо Ангеловски“, третоодделенецот до крајот на прво полугодие ќе следи онлајн настава

0
Учениците од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје го прекинаа бојкотот и од вторник се враќаат во редовна настава, јави Сител телевизија, повикувајќи се на информации од Советот на родители.

Денеска во училиштето бил присутен тим составен од страна на Центарот за социјални работи за разрешување и следење на состојбата со актуелниот проблем со третоодделенецот којшто имал насилно поведение. Притоа, како што јави Сител, се донел заклучок детето до крајот на првото полугодие да продолжи со онлајн настава со цел во меѓувреме да се изврши соодветна проценка за заштита на детето и останатите деца во одделението.

„Со оглед на денешниот развој на ситуацијата, нашите барања детето да не биде физички присутно во училиштето се прифатија. Целта на бојкотот на наставата е постигната. Сега понатаму интензивно институционално ќе се решава проблемот, а ние имаме услови да го прекинеме бојкотот и децата да продолжат нормално да следат настава“,
соопштиле родителите.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ја замоли јавноста да им даде на институциите неколку дена за да го решат случајот со третоодделенецот од основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје, кој требаше да биде префрлен во училиштето „11 Октомври“. Посочи дека со тоа што во јавноста се врши притосок се прави стигматизација на ученикот.

Третоодделенецот, од чие однесување се жалат родители од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, требаше да биде префрлен во ОУ „11 Октомври“ во Центар.

Тогаш родителите на учениците од „11 Октомври“ ја бојкотираа наставата, а по повлекување на одлуката и негово враќање во „Лазо Ангеловски“, денеска и вчера празно остана и ова училиште.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска пред два дена изјави дека случајот добил преголема, непотребна и донекаде, како што рече, неправедна јавност, обем и јавна дискусија.

Back to top button
Close