Предвремени парламентарни избори логично е да има само ако оваа влада биде поразена на локалните, вели Мицкоски
Мицкоски додава дека во тој случај опозициските партии ќе имаат време да се реструктуираат кадровски и програмски да се освежат.
„Ние сме фокусирани на развој на државата. За девет месеци од денеска ќе имаме кампања за локални избори на кои граѓаните ќе можат да го кажат својот збор. Доколку граѓаните ја поразат оваа Влада на локалните избори логично е да има предвремени парламентарни избори после тоа. Но, доколку оваа Влада ги порази опозициските политички партии на локалните избори тогаш очекуваме конечно да се посветат на самите себе, да се реструктуираат кадровски и програмски да се освежат и да може на следните парламентарни редовни избори да излезат со нова програма и нови кадровски решенија“рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања при неговата посета на поставувњето камен-темелник за изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Авеста батери енд енерџи инженеринг“ (Avesta Battery and Energy Engineering) во ТИРЗ Кичево.
Ставот на Мицкоски околу предвремените парламентарни избори доаѓа откако денеска опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) преку писмено соопштение излезе со вакви барања за кои, како што велат од партијата на Али Ахмети, се единствениот излез за спас на европската иднина на земјата.
Причините за ваквото барање оттаму ги вперија во актуелната влада, која, велат од партијата, за краток временски период го достигнала највисокото ниво на скандали, неспособност, криминал и корупција.
Мицкоски прашан за коментар околу изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за одлуката на Уставниот суд, рече дека Владата нема да дозволи дефокусирање на јавноста со обидот „да свртат тема што генерално ќе има за цел да го поларизира населението по можност етнички“.
„Стигаат потврдите за криминалното однесување на оваа политичка структура и гарнитура во изминативе 20-тина години. Многу случаи се работат поврзани со високи поранешни функционери на ДУИ и јавноста многу скоро ќе види кој е во суштина вистинскиот мотив на актуелното раководство на партијата, дека најмалку се грижат за тоа за што требало да се грижат. Повеќе се грижат да го заштитат оној капитал за кој постои основано сомневање дека е криминално стекнат“рече Мицкоски.