На „Новогодишната кошничка“ се радува само власта, граѓаните не гледаат намалување на цените
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, заедно со заменикот и директорот на Пазарниот инспекторат, Влатко Стојковски, вчера ја започнаа обиколката на маркетите за да ја проверат реализацијата на новогодишната кошничка. Според нив, мерката се почитува, но има некои ситни забелешки. За граѓаните пак цените воопшто не се намалени дури и некои се покачени.
-Зејтинот кој го користиме дома сега е поскап, беше 74 денари, а сега е 90 и нешто денари јас навистина не гледам никакви попусти, вели граѓанин на скопје кој пазари во маркет во Тафталиџе.
Според друг граѓанин намалувањето на јацата е невидливо, само 3 денари, а поевтини биле пред две недели кога се најавила кошничката, па потоа поскапеле, а сега е токму тоа намалување од 3 денари.
„Ме радува што во краток временски период повеќе од 1100 производи од 95 трговци се вклучени во новогодишната кошничка во 42 ланци на маркети. Оваа бројка може да расте бидејќи и други трговци може да се приклучат,“ изјави Дурмиши.
Стојковски додаде дека се забележани незначителни проблеми, како што се неправилно обележување на производите и некои ситни корекции на цените кај неколку трговци.
Слични забелешки имаше и при претходните акции за намалување на цените, и многумина продолжуваат да сметаат дека пазарувањето е луксуз.
Новогодишната кошничка ќе трае до 15 јануари и вклучува повеќе од 1000 производи. (Рацин.мк)