Европските либерали ја исклучуваат ДПС на бугарскиот олигарх Пеевски

Групата „Да ја обновиме Европа“ (Renew Europe) во Европскиот парламент и либералната меѓународна АЛДЕ ќе го прекинат членството на „ДПС – Нов Почеток“ поради Дељан Пеевски, санкциониран од САД и Велика Британија за корупција.

Во соопштението на „Да ја обновиме Европа“ се вели дека „партијата ДПС, која некогаш ги бранеше правата и слободите на малцинствата, денес целосно отстапи од својата првобитна мисија“.

Реакцијата на европските либерали дојде откако Пеевски на конференцијата во неделата беше именуван за единствен претседател на ДПС.

Групата ќе гласа во вторник на 14 јануари за финализирање на престанокот на членството на групата ДПС.

Дополнително, тие се приклучуваат на „санитарниот кордон“ околу Пеевски и се изјаснуваат за поддршка на „Продолжуваме со промената“.

„Одлуката на претседателството на „Да ја обновиме Европа“ следи по напорите на политичките партии во Бугарија за создавање „санитарен кордон“ околу олигархот Дељан Пеевски и неговата политичка фракција. Ситуацијата ја комплицираат бројните обвинувања за корупција поврзани со Пеевски и неговата мрежа. Во овој контекст, нашата група е длабоко вознемирена од целните напади врз партнерската партија „Продолжуваме со промените“ и нејзините претставници, вклучително и копретседателот Кирил Петков“, истакнуваат европските либерали.

„Да ја обновиме Европа“, исто така длабоко жали за континуираното искривување на првобитната мисија на партијата ДПС и внатрешно-политичката чистка што се случува во моментов.

„Партија предводена од лице санкционирано според законот Магнитски нема место во нашето семејство. Затоа препорачувам нашиот Совет да преземе решителна акција за престанок на членството на ДПС на чело со Пеевски во АЛДЕ“.

Валери Хајер, претседател на групата „Да ја обновиме Европа“, коментира дека „владеењето на правото е ДНК на нашата групација“.

„Вредностите на фракцијата ДПС-Пеевски се суштински некомпатибилни со оние на „Да ја обновиме Европа. Затоа ќе препорачам итно исклучување на партијата ДПС-Пеевски од нашата група“, посочува таа.

„Продолжуваме со промената“, коментираше дека „исклучувањето на ДПС од престижната европска политичка групација е директен резултат на постапките на нејзиниот претседател Дељан Пеевски, кој е предмет на санкции според американскиот акт Магнитски и британскиот закон РИКО“.

„Оваа одлука го потврдува ставот на бугарските демократски сили за потребата од „санитарен кордон“ околу олигархиските структури кои го кочат развојот на нашата земја. Оваа одлука на Renew Europe докажува дека принципите не се купуваат и продаваат. Тоа е јасен сигнал дека во современиот глобален свет нема место за политичари кои ја користат својата моќ за лични придобивки и ги газат демократските вредности“, рече копретседателот на ПП Кирил Петков.

Back to top button
Close