Град Скопје најавува вонредна акција за чистење и дезинфекција на општина Шуто Оризари

Градот Скопје соопшти дека од вечерва организира вонредна акција за чистење и дезинфекција на општината Шуто Оризари со цел, како што велат оттаму, спречување на ширење на зарази и загрозување на животната средина на жителите на општината предизвикани од градоначалникот Курто Дудуш.

– Екоцидот кој во моментов се случува во општина Шуто Оризари е резултат на криминогеното и неодговорно однесување на градоначалникот Курто Дудуш. Имено, Дудуш си поставил свои приватни контејнери на општинските улици, а на граѓаните им наплаќа за чистење на отпад на парагон блокче за што се располага со соодветни докази. Потоа, иако знаел дека е незаконски, отпадот го складирал на свој имот односно приватна парцела во негова лична сопственост со која си склучил договор и ја дал под закуп на општината. Отпадот кој го собирал спротивно на закон и си наплаќал за истото, потоа наместо да го одложи во единствената акредитирана депонија “Дрисла” тој со истиот си направил приватна депонија, појаснуваат од Град Скопје.

За ова, велат оттаму, веќе се утврдени соодветни противзаконски дела, составени се записници и поднесена е пријава.

– Апелираме до надлежните органи итно да ги превземат сите соодветни мерки за санкционирање на лицето Курто Дудуш, а градот Скопје стои на располагање за дополнителни појаснувања и достава на сите докази со кои располага за утврдениор екоцид во режија на Дудуш, се вели во денешното соопштение.

Претходно, од Град Скопје информираа дека нивни инспекциски служби денеска на терен откриле дека Дудуш создал нова дива депонија, поради што најавија уште една кривична пријава.

– Денеска на терен инспекторите на градот Скопје со асистенција на интервентна полиција, констатираа нови кривични дела на Курто Дудуш, при креирањето нова дива депонија за што е поднесена нова кривична пријава, со која дополнително се бара одговорност за загадувањето со канцерогени материи, со што Дудуш директно го загрозува здравјето на граѓаните на градот Скопје, информираа од Град Скопје.

На овие кривични пријави, како што појаснија оттаму, им претходела кривична пријава за дива депонија што Курто Дудуш ја правил на свое приватно земјиште за што во име на Општината сам со себе си склучил договор, а за што е фатен и за истото е изречена глоба и покрената пријава за соодветна одговорност.

Од Град Скопје нагласуваат дека до овој момент против градоначалникот на Шуто Оризари поднесени се повеќе од 40 кривични пријави од кои најголем дел се однесуваат на сериозна злоупотреба на буџетски средства, исплати на пари без соодветни постапки и распишан тендер, креирање на диви депонии, загрозување на животната средина и здравјето на граѓаните.

Back to top button
Close