„Ова е како воена зона“ – полициски час поради разбојници во Лос Анџелес

Најмалку 11 луѓе ги загубија животите во разорните пожари во Лос Анџелес, кои зафатија повеќе од 100 квадратни километри и принудија повеќе од 300.000 луѓе да се евакуираат. Пожарникарите се обидуваат да ги стават под контрола стихиите, а се зголемува загриженоста за можно подметнување на помали пожари. Најавената промена на ветровите се заканува дополнително да ја влоши состојбата. Властите предупредуваат дека бројот на жртвите може да се зголеми кога инспекторите конечно ќе стигнат до најтешко погодените области.

Во моментов во округот Лос Анџелес горат пет пожари.

Најмалку 12.000 згради се оштетени или уништени, објави Лос Анџелес Тајмс. Извори од органите за спроведување на законот изјавија за Тајмс дека е веројатно дека се подметнати повеќе помали пожари.

Како што јави Си-Би-Ес, иако ветровите ослабеа, се очекува вечерва повторно да почнат да зајакнуваат.

Пожарот Палисадес, најголемиот во областа, изгоре повеќе од 80 квадратни километри и сè уште е локализиран само осум проценти.

Најмалку пет лица загинаа во тој пожар, додека во пожарот Итон над Алтадена во северниот дел на Лос Анџелес загинаа најмалку шест лица и изгореа повеќе од 50 квадратни километри.

Американското Министерство за здравство и човечки услуги (HHS) вчера прогласи вонредна состојба во државата Калифорнија за да одговори на здравствените проблеми предизвикани од актуелните пожари во округот Лос Анџелес, објави Ројтерс.

Поради ширењето на пожарот Палисадес, синоќа беа издадени нови наредби за евакуација на областа која се протега од автопатот 405 на исток до булеварот Сансет на југ, од населбата Кањон Мандевил на запад до резерватот Енсино на север, вклучувајќи делови од населбата Брентвуд, Бел-Ер и Енцино.

Пожарот се прошири на повеќе од 32 квадратни километри од вторникот.

Повеќе од 5.600 ученици останаа без своите училишта, бидејќи најмалку 12 институции беа уништени во пожарите. Во Алтадена, речиси 2.000 студенти беа погодени од оваа катастрофа.

Комесарот за осигурување во Калифорнија издаде мораториум на откажувањето или необновувањето на полисите за осигурување за сопствениците на куќи погодени од пожарите. Таа забрана ќе важи една година за жителите во областите погодени од пожарите – Палисадес и Итон. Принцот Хари и Меган Маркл вчера го посетија Конгресниот центар во Пасадена, каде што се сместени евакуираните од пожарот Итон.

Кнежевската двојка разговараше со волонтери и им подели храна на околу 1.200 евакуирани. Меѓу волонтерите беа познатите готвачи Хозе Андрес и Рој Чои, кои ги послужија оброците.

Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес соопшти дека досега се уапсени 18 лица во врска со криминални активности поврзани со пожарите во Итон и Палисадес.

Полицискиот час воведен во областите погодени од пожарите Палисадес и Итон е на сила до натамошно известување.

„Оваа мерка е преземена за да се подобри јавната безбедност, да се заштити имотот и да се спречи грабежот во областите каде што жителите се евакуирани“, рече заменик-шерифот Мајрон Џонсон. (Фокус)

Back to top button
Close