Пораз и крај на Трампизмот
Денко Малески
Некни, последната порака до Американците од претседателот Доналд Трам беше:„Замислете дека јас сум на гласачкото ливче“. Токму тоа го направија и, гласајќи за демократите, му зададоа смртоносен удар не само на Трамп туку и на неговата идеологија „трампизмот“.

Се разбира, Трамп не би бил тоа што е да не коментираше:„Јас да бев на гласачкото ливче ќе победев“.Немаше да победи зашто овие избори беа референдум за Трамп кој американскиот претседател не го преживеа. Резултатот од изборите опишани со зборовите „цунами“ или „лавина“, не е само пораз на Трамп туку и на политичка идеологија на „трапизмот“, една мешавина на „силниот водач“, со национализмот, популизмот, економскиот протекционизам, белиот супремацизам, мерките против мигрантите и критика на меѓународниот либерален поредок. Сето тоа е отфрлено од мнозинството Американци. Против Трумп гласаа и членови на неговата МАГА база (Make America Great Again) која на претходните изборигласаше за „силен водач“ кој, како што вети, ќе ги прекине „вечните војни“ и ќе се сврти кон економските потреби на обичниот Американец. Барајќи ги причините за поразот едни, меѓу кои е и потпретседателот Венс, тврдат дека војната во Иран е основната причина за бунтот на американските гласачи. Други, дека е тоа реакција на економската состојба на населението на Америка, држава во која 60% од жителит живеат само од плата (From paychek to paycheck), кои имаат проблеми да го истераат месецот , да си ги платат сметките за домување, за здравствена нега и да го наполнат резервоарот на својот автомобил со бензин.
Сега, со загубениот Конгрес, на Претставничкиот дом и на Сенатот, Трамп, до крајот на својот мандат е „lame duck“(куца патка), израз со кој во Америка се означува претседател без мнозинство во Конгресот, политичар во заминување или политичар со истечен рок. Трамп, пак, веднаш изјави дека ќе соработува со демократскиот Конгрес зашто е свесен дека е во тесно иако и со своето право на вето и извршните наредби (Executive orders)кои му се на располагање, може да предизвика многу бељи, особено во надворешната политика врз која Конгресот нема целосна контрола. Сепак, фактот дека демократите имаат целосна контрола врз парите, кажува дека ништо веќе нема да оди така мазно за Трамп. Имено, Трамп ќе мора да соработува со демократите зашто ветото кое го има е само суспензивно и на повтореното гласање во Конгресот тој губи.
Со рушењето на идеологијата на „трампизмот“, исчезна и фасцинацијата со „силното лидерство“ на Трамп, претседател кој покажа дека не само што не е компетентен да го исполни ветувањето до народот да ја сопре војната во Украина и да ја насочи својата политика кон подобрување на животот на обичниот човек, туку отвори нов фронт во Иран. Фасцинацијата со „јакиот човек во Белата куќа“ се претвори во отрезнување дека Америка ја води корумпиран човек, кој прави лични и фамилијарни зделки во сопствен и во интерес на оние кои седеа во првиот ред зад него во текот на неговата инаогурација за претседател – милјардерите. На изборите се распадна и митот на Трамп за „белата“ Америка со Конгрес кој толку реално го отсликува мултиетничкиот карактер на американското општество: прв сенатот муслиман, прва жена сенатор потомок на Индијанците, прв сенатор кој е јавно деклариран хомосексуалец, прва Афроамериканка гувернер на Џорџија,прва жена гувернер од домородното население на Ново Мексаико, прва Латиноамериканка избрана за гувернер на Тексас, прв Афроамериканец избран за гувернер на Флорида…
Што би можел да значи поразот на „нашиот стратешки партнер “Трамп за Македонија? За среќа, пријателството со администрацијата на Трамп никогаш не беше ставено на проба за некакво сериозно безбедносно прашање за Македонија. Тогаш, имено би ја научиле вечната лекција на меѓународната политика дека државите немаат пријатели туку интереси. Се надевам на наше отрезнување од некои заблуди дека лојалноста кон ова сојузништво не значи автоматска гаранција за безбедноста на малата држава. Отрезнување дека трансакциската политика на Трамп може, во некои изнимни ситуации, да значи и притисок врз слабиот за правење на големи отстапки во корист на силниот во Вашингтон.Отрезнување дека на нашата држава и треба регионалната безбедносна поддршка наречена ЕУ, но и одлични односи со соседите. Имено, зачудувачки е како нашата сегашна политика не ги читаше јасните пораки од Трамп кој со својата трансакциска надворешна политика во лице ни кажува нам и на сите мали и сиромашни држави дека не треба да го мешаат пријателството со голема сила со гаранции за нивната национална безбедност. Напротив, би рекол. На ум, секако, го имам она што своевремено го изјави Кисинџер: „Да си непријател на Америка е опасно, но да си пријател може да биде фатално“. Како што беше фатално за Украина.






