Премиерот на Гренланд: Нема да бидеме Американци, туку Гренланѓани, но отворени сме за соработка
Премиерот на Гренланд, Мут Б. Егед, огромната данска арктичка територија богата со руда, изјави дека нејзините жители не сакаат да бидат Американци, но дека го разбира интересот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за островот со оглед на неговата стратешка локација и дека е отворен за подлабока соработка со Вашингтон.
Гренланд е дански автономен регион и се наоѓа североисточно од САД и северозападно од Европа и Данска, земјата на Европската унија на која и припаѓа островот. Неодамна Трамп изјави дека не исклучува економски притисок, па дури и воена сила Гренланд да стане дел од САД, бидејќи тоа наводно е „прашање на националната безбедност“.
Премиерот Егед рече дека Гренланд е секако дел од северноамериканскиот континент и „место што Американците го гледаат како дел од нивниот свет“. Тој исто така рече дека не разговарал со Трамп, но дека е отворен за дискусии на тема за „тоа што не обединува“.
-Кај кооперацијата станува збор за дијалог. Кооперацијата значи дека се работи во насока на изнаоѓање решение, рече Егед.
Лидерот на Гренланд се залага за независност на Гренланд и ја гледа Данска како колонијална сила која не се однесува секогаш добро со своето локално население, Инуитите.
-Гренланд му припаѓа на народот на Гренланд. Ние нема да бидеме ниту Данци, ниту Американци. Сакаме да бидеме Гренланѓани, рече Егед на заедничката прес-конференција со данската премиерка Мете Фредериксен во Копенхаген.
Желбата на Трамп за Гренланд предизвика запрепастување во Данска и низ Европа.
На Гренланд живеат само 57.000 луѓе, но тој е најголемиот остров во светот, покриен со снег и мраз, богат со нафта, гас и ретки минерали. Тоа е стратешка локација на Арктикот каде Русија, Кина и други земји сакаат да го прошират своето влијание бидејќи климатските промени доведуваат до топење на мразот.