Мицкоски, Меџити и Трајков ќе присуствуваат на инаугурацијата на Трамп
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски од утре па во наредните неколку дена ќе присуствува во САД.
Премиерот коj ќе биде придружуван од Министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков во Вашингтон ќе присуствуваат на инагурациската церемонија на новиот американски претседател Доналд Трамп.
Меѓудругото делегацијата предводена од македонскиот премиер Мицкоски ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата” која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите „Трамп медиа” и „Рамбл”.
Очекувањата се дека за време на престојот премиерот Мицкоски ќе оддржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател.
Исто така премиерот Мицкоски ќе има средба и со бизнисмени со македонско потекло каде ќе стане збор за економска соработка и можни домашни инвестиции.
Инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател ќе се одржи на 20 јануари, а според досегашните информации, на неа ќе учествуваат многубројни десничарски политичари од целиот свет.
Како што пишува „Политико“, инаугурациите најчесто се организираат во форма на традиционални церемонии, на кои обично не се поканети шефовите на владите или на државите. Сепак, според медиумот, Трамп овој пат отстапил од традицијата, па телефонски, но и лично поканил многу странски лидери.
Церемонијата на претседателската инаугурација ќе се одржи во зградата на Капитол на САД во Вашингтон.
Тогаш новоизбраниот претседател ќе положи заклетва и ќе ја преземе функцијата.
Во продажба се билети за настаните што ќе се одржат по овој повод. Веќе се распродадени билетите за балот по повод инаугурацијата, на кој се очекува да се појави Трамп.