Андоновски: Уште 20 институции ќе преминат на електронско управување со документи

Уште 20 институции во наредните три месеци ќе бидат приклучени на централниот систем за електронско управување со документи и електронска архива, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Целта, како што посочи, е административните предмети да се обработуваат електронски низ целата постапка, од приемот до потпишувањето и архивирањето.
На прес-конференцијата посветена на Извештајот на Европската комисија за 2026 година, Андоновски истакна дека Комисијата констатирала добар напредок во поглавјето 10 — Дигитална трансформација и медиуми. Според него, нивото на подготвеност на земјава во оваа област првпат е подигнато од умерено на ниво меѓу умерена и добра подготвеност.
Министерот издвои пет области: електронските услуги, размената на податоци меѓу институциите, електронското управување со документи, сајбер-безбедноста и вештачката интелигенција.
Според податоците од извештајот што ги презентираше, до крајот на август на националниот портал биле достапни 338 услуги, вклучително и делумно електронски. Андоновски нагласи дека следната цел е повеќе постапки да можат да се завршат целосно електронски, од поднесувањето барање до добивањето документ.
Тој посочи дека дигитализацијата треба да го намали времето што граѓаните го трошат на шалтери, патувањето до други општини и дополнителните трошоци за административни постапки.
„Институциите мора да разменуваат податоци, а не граѓаните документи“, порача Андоновски.
Според бројките што ги изнесе, месечниот обем на трансакции на платформата за размена на податоци меѓу институциите се зголемил од 700.000 во 2024 година на 1,4 милиони во 2025 и на 5,2 милиони во 2026 година.






