Албанската опозиција им се приклучи на студентските протести пред владата на Еди Рама

Антивладините протести во Албанија продолжија и денеска, а протестното движење добива дополнителна сила со приклучувањето на приврзаниците на опозициската Демократска партија кон студентските протести. Демонстрантите тргнаа во марш од седиштето на партијата кон зградата на кабинетот на премиерот Еди Рама, барајќи промени и отфрлајќи ги неговите повици за дијалог.

 

Протестната колона ја предводат пратениците на Демократската партија Фљамур Нока, Агрон Ѓекмарко и други претставници на опозицијата, кои ги повикаа граѓаните, професорите и академската заедница да им се придружат. Студентските протести обединуваат млади од различни градови во Албанија, а нивните претставници засега не ги прифаќаат понудите на Рама за разговори.

 

Приклучувањето на опозицијата кон студентските демонстрации дополнително ја усложнува политичката ситуација и го зголемува притисокот врз владата на Рама, и покрај тоа што албанскиот премиер се обидува незадоволството на студентите да го насочи кон институционален дијалог. За таа цел, тој покрена посебна интернет-платформа, која ја претставува како отворен канал за комуникација со студентите и граѓаните, достапен 24 часа дневно.

 

Рама тврди дека на платформата нема забранети прашања и дека граѓаните можат да изнесуваат критики, предлози и проблеми. Пристапот се остварува преку порталот е-Албанија, со предвидена заштита на идентитетот на корисниците. Пораките од пошироко значење треба да добијат јавни одговори, додека поединечните проблеми ќе бидат проследувани до надлежните институции.

 

Сепак, академската заедница повеќепати го одби повикот на премиерот за дијалог, вклучително и предлогот средбите да се одржат пред зградата на владата.

Back to top button
Close