Дутерте може да се соочи со 30 години или доживотна затворска казна доколку биде осуден
Поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте може да се соочи со 30 години затвор, па дури и доживотен затвор доколку Меѓународниот кривичен суд (МКС) го прогласи за виновен за злосторства против човештвото во врска со неговата „војна против дрогата“, соопшти денеска претседателството на земјата.
-Но, тоа зависи од одбраната што може да ја користи поранешниот претседател, рече заменик-портпаролката на претседателството, Клер Кастро на прес-конференција.
Според веб-страницата на МКС, Судот не изрекува смртна казна, но може да изрече казни до 30 години затвор, а во исклучителни околности и доживотни казни.
Апсењето на поранешниот претседател од страна на Интерпол и локалната полиција е резултат на истрагата на МКС за наводите дека кампањата на Дутерте против шверцот со дрога доведе до илјадници вонсудски убиства додека тој беше градоначалник на Давао Сити, а потоа и шеф на државата.
Дутерте синоќа беше испратен во Хаг откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење против него за злосторства против човештвото во неговата „војна против дрогата“ додека беше на власт.
Актуелниот претседател Фердинанд Маркос Џуниор, за време на прес-конференцијата неколку минути по полетувањето на авионот на Дутерте за Хаг, нагласи дека владата постапува по барање на Интерпол, а не на МКС, од кој Филипините се повлекоа во 2019 година.
-Денешното апсење е во согласност со нашите обврски со Интерпол. Се случи тоа да дојде и од МКС, рече Маркос.