Пеколот во Кочани и македонскиот „Левијатан“

Одговорни политичари не се „коцкаат“ со животите на најмладите. Нивните чисти, прекрасни души во Кочани беа жртвувани на жртвеникот на најмоќниот идол во денешна Македонија – парите и власта.

Вчера попладне, кога обично ја пишувам оваа колумна, дознав за незамисливиот пекол во кој гореа младинци и малолетни деца во Кочани. Од трогнатост, не можев да напишам ниту ред. Една слика, онаа на таа бедна куќарка, толку слична на шупите во преградијата и во напуштените села во Македонија, ме ужаси. Затоа што во нејзината трошност таа толку личи на Македонија. На земјата која три децении пропаѓа поради беззаконието и неодговорноста на сите структури, кои постојат за да им гарантираат на граѓаните безбеден живот. Во таа куќарка со изгорен покрив, ја видов целата беда на денешна Македонија.

Денеска, во мугрите, се разбудив со сликата на шупата со изгорениот покрив. И со мислата на сите загинати млади луѓе, во цутот на животот, деца на четиринаесет години. Никој од нас не може да си замисли со каков страв и ужас умреле. Никој не може да си замисли во каков пекол ја поминале ноќта нивните родители, роднини, пријатели. Во каков пекол се преобрази за нив секој ден. Тие деца се нечие најголемо богатство. Ќерки и синови. Млади мајки и татковци. Тие се љубените внуци. Тие се радоста на животот за возрасните. Тие се најскапоценото богатство кое треба да го чуваме како зеницата во окото. Младите се иднината, повторуваат политичарите пред изборите. Но, само кога им требаат, за да ги манипулираат како избирачи со своите популистички пароли. Одговорни политичари не се „коцкаат“ со животите на најмладите. Нивните чисти, прекрасни души во Кочани беа жртвувани на жртвеникот на најмоќниот идол во денешна Македонија – парите и власта.

Македонија стана трошна шупа

Додека го барав вистинскиот збор за тоа што го насетувам зад овој пекол, ми долета во умот името Левијатан. И сликите од истоимениот филм на рускиот режисер Андреј Звјагинцев. Тој филм е потресна приказна за криминалот и беззаконието, за ужасот на обичните луѓе пред чудовиштето Левијатан, во кое се преобразила политиката и државата во многу постсоцијалистички земји. Левијатан во „Стариот Завет“ е името на морското чудовиште со многу глави. Тоа е и симбол на незамисливото зло. Симбол на злото на беззаконието, но и слика за немоќта на обичните луѓе во алчното општество. Така е и во Македонија. Со години го водат политичари, гладни за власт и пари. Тоа го знае секој македонски граѓанин, но, од немоќ, го прифаќа. Сигурно имало и чесни исклучоци, но тие токму затоа брзо ја напуштиле политиката.

Таа шупа и нејзината околина за мене е симболот за Македонија денес, со која владее чудовиштето на криминалот, корупцијата и нечовечноста. Пеколот во таа трошна куќарка три децении го градеше неспособноста и нечесноста на политичката и државната елита. Македонија под нивното раководство стана таа трошна шупа, која македонската некадарност ја покрила со стиропор, затоа што, впрочем, и центарот на Скопје е преполн со фасади од стиропор. Цела Македонија се претвори во огромен „фушерај“ и невкус. Цела Македонија утрово ја гледам во таа шупа со изгорен покрив. А во неа гореа деца! Младинците кои не помислувале дека на политичките „татковци“, на градоначалниците, на градежните експерти, не им било гајле за нивната безбедност. Не знаеле дека за политичкиот и стопанскиот Левијатан, нема ништо посвето од парите. Крај таа шупа, која, според македонскиот премиер, добила лиценца за „кабаре“, кое смеело да работи до мугрите, се издига како грд сив џин некоја транзициска градба. Лиценца за „кабаре“ во шупа. Тоа е дефиницијата за апсурдот што владее насекаде во Македонија. Секој Македонец знае дека овој дилентатизам со „кабарето“ во оправданието на Мицкоски, е само еден аспект во македонскиот театар на апсурдот. Во таа шупа, со лажна лиценца за „кабаре“, со смет и трње во дворот, со малечко бедно вратиче, со прозорци со решетки, ниска како најбедната селска куќа, сопственикот на клубот со звучно име (напишано на англиски!) дозволил да влезат на концерт 500 млади луѓе. Замислете си ги тие деца во мигот кога запалениот стиропор се урнал врз нивните тела и ќе ја добиете сликата за пеколот.

Лицето на македонскиот Левијатан

Меѓутоа, овој пекол не е елементарна непогода. Тој е дело на варварскиот македонски Левијатан. Тоа чудовиште расте од осамостојувањето до денес. Од мигот кога почна приватизацијата, а со неа и трката на тогашната политичка и стопанска елита што побрзо да се збогати со грабежот на некогашната социјалистичка државна сопственот. Македонското криминално чудовиште го хранеа сите партии кои учествуваа во власта веднаш по „падот“ на првата експертска влада. Дека е тоа така, сведочи фактот што секоја нова влада ѝ ветуваше на претходната дека „нема да ги гони“. Сведоштво за македонскиот Левијатан е тоа што секој претседател редовно амнестираше редица политичари, обвинети за криминал. Лицето на македонскиот Левијатан е бившиот премиер, кој за да не оди во затвор побара „азил“ кај најсомнителниот европски политичар. Тој Левијатан го хранеа со зло и беззаконие, со неморал и нечесност, со неписменот и примитивност токму македонските политичари, затоа што од мигот кога тие почнаа да се менуваат на политичката сцена како на вртелешка, за граѓаните стана јасно дека во политиката најчесто одат неспособни и нечесни луѓе, со желба брзо да се збогатат.

  • Тоа криминално чудовиште направи од политичките, државните и стопанските структури феудални поседи на партиски кланови. Пеколот во Кочани е рубиконот, границата по која нема назад. Во ваква политичка констелација, нема ниту место за чекор напред со истите политичари. Затоа „што сите и секој се виновни за сѐ“, да го парафразирам Достоевски. Кој го кажал и тоа што треба да го замисли денес секој македонски граѓанин, независно од етничката определба: „Сета идна среќа на човештвото, не вреди колку една детска солза.“ Сето богатсво не вреди петпари, кога за него гинат деца и млади луѓе. Македонија е веќе одамна „долина на солзите“. Кај граѓаните владее безнадежност, очај и целосна недверба во политиката. Таа состојба на духот одлично ја ползуваат истите политичари кои го градеа криминалното чудовиште, манипулирајќи ги граѓаните со популистички идеологии, создавајќи им страв од соседите, држејќи ги под контрола со митови за големите царства во минатото. Само никој да не посака да ја промени сегашноста. Граѓаните треба да останат заробени во феудалното гето на партиските кланови. Од денешните политичари не може да се очекува самите да се „ограничат“ во криминалот и корупцијата, во кои досега учествувале сите партии, помалку или повеќе. Нив може да ги ограничи само моќта на граѓанската храброст. Граѓаните, особено младите, не смеат да дозволат ова стравотно дело да се вброи во редицата злодела во минатото. Доколку македонските граѓани, назависно од етничката припадност, не посакаат да го надминат досегашниот очај во општеството, тогаш, по пеколот во Кочани, ниту еден млад човек нема долго да се колеба пред да ја напушти Македонија.

Долг кон жртвите во пеколот во Кочани

Македонската претседателка милуваше во предизборието да се „кити“ со сократовска мудрост. За да поверуваат граѓаните дека е навистина мудра, таа треба во овој стравотен момент да ја разреши актуелната влада, за да се избере експертска влада, слична на првата. Македонските партии се премногу инволвирани во распаѓањето на општеството за да се верува дека тие можат да се преобрзат самите. Во Македонија има доволно компетентни, одговорни и чесни луѓе, потврдени со морален и стручен интегритет, кои можат да ја раководат државата во овој клучен, толку критичен момент за целиот свет. Во спротивно, Македонија ќе остане и натаму таква трошна шупа, во која алчниот македонски Левијатан ќе продолжи да го загрозува животот на младите. По агонијата долга три децении со политиката на популистички и некадарни политичари, само една експертска влада би можела да ја врати довербата во политиката и одговорно да ја обликува државната стратегија. Тоа македонските граѓани им го должат на сите прекрасни млади луѓе што умреа во пеколот во Кочани. Тие сега не можат да бараат правда за себе, тоа можат да го сторат само живите, во нивно име. Доколку овој миг не се направи коренита промена, актуелните политичари ќе продолжат да го хранат пеколот. Не им верувам, дури и кога го ветуваат небото.(dw)

Кица Колбе

Back to top button
Close