Ново рочиште за трагедијата во Кочани: сведочи вешто лице од Судска медицина

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, продолжува денеска во судницата во „Идризово“ со исказ на вешто лице од Судска медицина.

На претходното рочиште, Обвинителството презентираше медицинска документација и вештачења за повредените, при што беа опфатени 157 лица со тешки телесни повреди и уште 65 со полесни повреди, меѓу кои и околу 20 деца.

Според наодите, кај повредените се констатирани изгореници на различни делови од телото, оштетувања на дишните органи, интоксикација од штетни гасови и вдишување јаглероден моноксид. Дел од нив имале и скршеници, нагмечувања и сериозни респираторни проблеми, при што во одредени случаи била неопходна механичка вентилација.

Обвинителството претходно ги изведе и обдукциските наоди, според кои најголем дел од жртвите починале од труење со јаглероден моноксид. Кај дел од нив смртта настапила поради задушување или тешки изгореници, додека кај некои лица, починати за време на лекувањето, причината била акутна слабост на белите дробови.

Одбраната реагираше на начинот на изведување на доказите, оценувајќи дека станува збор за нивно читање, а не за целосна доказна постапка.

Обвинителството најави дека ќе биде повикано и дополнително вешто лице кое ќе одговори на прашања поврзани со ефектите од јаглеродниот моноксид и можностите за спасување на жртвите.

Пожарот избувна на 16 март 2025 година, за време на настап во дискотеката „Пулс“, и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Back to top button
Close