Фокс Њуз: Трамп е најнепопуларниот претседател по 100 дена во Белата куќа
Американската „Фокс Њуз“ вчера ги објави резултатите од својата последна анкета што покажува дека Доналд Трамп во моментов е најмалку популарниот американски претседател на 21 век во оваа фаза од неговиот мандат.
Според анкета, по 100 дена минати во Белата куќа рејтингот на Трамп е 44 отсто, што е значително помал од Џо Бајден (54 отсто), Барак Обама (62 отсто) и Џорџ Буш (63 отсто) во истиот период од нивното претседателствување.
„Фокс Њуз“, исто така, истакнува дека популарноста на Трамп е помала дури и во споредба со неговата прва администрација, кога тој имаше 45 отсто поддршка на 100-тиот ден од неговиот мандат.
„Фокс“ наведе дека падот на поддршката е најизразен кај прашањата на економијата, инфлацијата и царината, а вкупниот рејтинг од 44 отсто претставува пад од пет процентни поени во однос на март. Трамп притоа добил најдобри оценки за граничната безбедност, каде што 55 отсто од испитаниците ја одобруваат неговата работа. Тоа е и единственото прашање на кое неговиот рејтинг е позитивен.
Во однос на прашањето за имиграцијата, рекордни 47 отсто ја одобруваат работата на Трамп (48 отсто не ја одобруваат), додека само 38 отсто ја одобруваат неговата работа во економијата (56 отсто не ја одобруваат), што е нов најнизок резултат.
Тој доби најлоши оценки за инфлација (33 отсто одобруваат, 59 отсто не одобруваат), потоа царината (33 отсто одобруваат, 58 отсто не одобруваат), надворешната политика (40 отсто одобруваат, 54 отсто не одобруваат), даноците (38 отсто одобруваат, 53 отсто не одобруваат) и оружјето (41 отсто не одобруваат, 41 отсто не одобруваат).
Оваа анкета е изненадување бидејќи вестите што го прикажуваат Доналд Трамп во негативно светло не се вообичаена појава на „Фокс“. Имено, тие се познати како про-Трамп медиум, со бројни примери на пристрасно известување во корист на него и Републиканската партија, како и „размена“ на вработени меѓу двете партии.
На пример, за време на претседателствувањето на Трамп, „Фокс Њуз“ им даде значително повеќе простор на неговите интервјуа и позитивното известување, додека критиките за него беа ретки во ударните термини.