„Њујорк тајмс“: Украина добива нова американска помош – ракетен систем Патриот
Украина ќе добие нова американска помош, а ракетниот систем „Патриот“ што се наоѓа во Израел ќе биде испратен во таа земја, изјавија за „Њујорк тајмс“ четворица неименувани американски функционери.
Во исто време, западните сојузници преговараат за испраќање на друг таков систем во Украина од Германија или Грција.
Изворите на весникот не сакаа да прецизираат дали одлуката за префрлање на системот „Патриот“ во Украина е донесена пред доаѓањето на претседателот Доналд Трамп во Белата куќа, односно за време на администрацијата на Џозеф Бајден.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џејмс Хјуит, изјави дека телото не дава детали за распоредувањето на одбранбените системи.
„Претседателот Трамп беше јасен – сака војната во Украина да заврши и убиствата да престанат“, рече тој.
Министерството за одбрана објави дека продолжува да испраќа опрема во Украина во рамките на претходно одобрените пакети.
Испораката на системот „Патриот“, која претходно не беше најавена, доаѓа во време кога Русија ги засилува нападите врз Украина, пишува „Њујорк тајмс“.
Додека Русија ги интензивира своите напади, најновите изјави на Трамп за војната укажуваат на омекнување на неговата позиција во корист на Украина, проценува весникот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано бара повеќе системи „Патриот“ од почетокот на војната, наведувајќи дека тие се клучни за одбраната на земјата.