Левит: Претседателот Трамп и натаму е отворен за средба со Путин, но да се почека денешниот телефонски разговор
Американскиот претседател Доналд Трамп останува отворен за средба со Владимир Путин и покрај фрустрациите поради застојот на мировните преговори од страна на рускиот лидер.
На прашањето дали американскиот претседател сè уште сака да се сретне со рускиот претседател, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, одговори: „Мислам дека претседателот сигурно би бил отворен за тоа. Но, ќе видиме како ќе се одвива денешниот разговор“.
Таа изјави дека се очекува американскиот претседател да се обрати до јавноста по телефонскиот разговор со рускиот претседател, како и по разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Таа додаде дека САД ги сметаат двата разговори за многу важни.
Ливит додаде на брифингот за медиумите дека американскиот претседател им ставил до знаење на страните во конфликтот во Украина дека сака примирје што е можно поскоро.
Портпаролката на Белата куќа истакна дека Трамп работи што е можно побрзо и напорно за да го заврши конфликтот во Украина, како и палестинско-израелскиот конфликт.
Таа, исто така, изјави дека американската администрација разгледува евентуално воведување нови санкции против Русија.
-Мислам дека сите опции се на маса. Не сакам ништо однапред да судам, но тоа е секако нешто што претседателот го разгледува како можност, заклучи Ливит.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот, по разговорите во Истанбул меѓу руската и украинската делегација, изјави дека средбата меѓу двајцата претседатели „во моментов не се подготвува“.