Уставен за случајот со судијката Дуковска: Предизвикан е правен преседан, се одложува подготвителната седница за Законот за јазиците
Се одложува подготвителната седница по предметот во врска со Законот за употреба на јазиците која беше закажана за 19 јуни годинава. Ова е исходот од денешниот состанок на членовите на Уставниот суд кој, пак, е резултат на пресудата на Управниот суд со која се поништи одлуката на Собранието за изборот на Елизабета Дуковска за уставна судијка.

Со оглед на тоа што Дуковска е судија известител за предметот со кој се оспоруваат одредби од Законот за употреба на јазиците, како што велат од Уставен, донесена е одлука за одложување на седницата и постапување по предметот кога Судот ќе биде во полн состав. Дополнително, се наведува дека Судот нема по службена должност да ги преиспитува одлуките во чие носење учествувала и судијката Дуковска бидејќи, како што се додава, согласно член 112 став 2 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Во писменото соопштение што Уставниот суд го испрати до медиумите се наведува дека постапувањето на сите инволвирани органи како Судскиот совет, Собранието и Управниот суд во случајот со судијката Дуковска предизвикале правен преседан и правна состојба со која не се соочил ниту еден досегашен состав на Судот.
„Таквиот правен преседан несомнено создава правни импликации во постапувањето на Уставниот суд во согласност со неговите надлежности. Уставниот суд денеска го прими дописот од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија со кој е доставена Пресудата У-5 бр.380/2025 од 15.05.2025 година на Управниот суд на Република Северна Македонија. Уставниот суд не ја коментира Пресудата на Управниот суд“,се наведува во соопштението на Уставниот суд.
Управниот суд денеска ја објави пресудата од 15 мај со која се поништува одлуката на Собранието од 10 април 2023 година за избор на Елизабета Дуковска за уставна судијка. Управен ја донел ваквата пресуда уважувајќи ја тужбата на членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, која е поднесена против изборот на Дуковска.