Немаме намера да развиваме нуклеарно оружје, вели претседателот на Иран
Иран нема намера да развива нуклеарно оружје, но нема да се откаже од своето право на нуклеарна енергија и истражување, изјави иранскиот претседател Масуд Песекијан, повторувајќи го религиозниот указ на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи против оружјето за масовно уништување.
„Ние не бараме нуклеарно оружје“, изјави иранскиот претседател пред парламентот, но додаде дека земјата ќе продолжи да збогатува ураниум.
„Имаме право на нуклеарна енергија и истражување и нема да дозволиме никој да ни го одземе“, рече Песекијан, според официјалната иранска новинска агенција ИРНА.
Песекијан, исто така, ги повика Иранците да ги остават настрана своите разлики и да се обединат на четвртиот ден од израелските напади што предизвикаа одмазда на Техеран против Израел.
„Секој проблем и секоја разлика што постоеше денес мора да се остави настрана и ние мора да се обединиме заедно против оваа криминална и геноцидна агресија“, нагласи Песекијан во своето обраќање.
Израел во петокот објави дека ги извршил своите први напади врз Иран, велејќи дека нема друг избор откако собрал разузнавачки информации дека Техеран се приближува кон „точка без враќање“ во својата потрага по нуклеарно оружје.