Каде е причината за пелтечење?

Финските научници открија структурни промени во јазлите на мозочната мрежа кај луѓето кои пелтечат. Дали тоа ќе овозможи нови методи на лекување? И како да се однесувате кога разговарате со луѓе кои пелтечат?

Пелтечењето е многу стресно за заболените, особено затоа што другите луѓе често реагираат навредливо, агресивно или неправилно на ова нарушување на говорот. Неволните повторувања на слогови и звуци, истегнување на звуците и забележливи или „тивки“ блокади може да ги вознемират и да направат засегнатите да се чувствуваат несигурни. Слабоста може да стане и физички видлива, како што се црвенило или потење.

Притоа, пелтечењето не дозволува донесување заклучоци за карактерот или интелигенцијата на засегнатото лице. Луѓето кои пелтечат точно знаат што сакаат да кажат, но не можат течно да го изговорат во моментот.

Долго време се сметаше дека пелтечењето е психолошко или емоционално нарушување. Всушност, пелтечењето е невролошки предизвикано нарушување на говорот, во кое е нарушена регулацијата на производството на говор во мозокот.

 

Лоцирано потеклото на пелтечењето?

Финските научници сега веруваат дека ја лоцирале областа на мозокот каде што лежи коренот на пелтечењето. Тие откриле структурни промени во јазлите на мозочната мрежа кај луѓето кои пелтечат.

Според тимот предводен од Јухо Јоуца од Универзитетот во Турку, неговиот центар се наоѓа во областа на базалните ганглии на путаменот. Путаменот е една од централните области на големиот мозок и е дел од сивата материја на мозокот. Тоа е особено важно за подвижноста на лицето, односно мимикријата.

Пореметувањето на течното говорење може да има различни причини. Постои генетска предиспозиција која може, но не мора да доведе до пелтечење. Покрај тоа, невролошките болести како Паркинсонова болест или мозочен удар може да резултираат со пелтечење. За целите на студијата, финските научници испитувале и пациенти кои почнале да пелтечат по мозочен удар. Мозочниот удар го зафатил само делот од мозокот каде што се наоѓа предметната мозочна мрежа.

 

Испитаниците ги покажале истите структурни промени во јазлите на оваа мозочна мрежа како и оние кои развиле пелтечење во детството. Според студијата, ова покажува дека пелтечењето секогаш потекнува од оваа мрежа, без оглед на генетските или невролошките причини.

 

Нови методи на лекување?

Според проф.д-р. мед Мартин Зомер, виш лекар и шеф на „Интердисциплинарната работна група за говорни нарушувања“ на Одделот за неврологија при Универзитетскиот медицински центар Гетинген, финската студија уште еднаш покажала дека левата мозочна хемисфера е клучна во формирањето на говорот.

Студијата покажува и дека две форми на пелтечење, неврогеното пелтечење, т.е. пелтечењето предизвикано од мозочен удар и пелтечењето во раното детство не се разликуваат многу, вели Зомер, кој самиот пелтечи и е советник на Федералната асоцијација за пелтечење.

До денес, не постојат ефективни фармаколошки или невромодулаторни опции за лечење. Според финските научници, локализацијата на структурната промена создава нови методи на лекување, како што е длабока мозочна стимулација насочена кон таа мозочна мрежа.

Неврофизиологот Зомер го поздравува новиот истражувачки пристап. „Секако дека е можно да се спроведе третман врз основа на ова знаење. Но, потребни се неколку посредни чекори за да се разбере каде треба да закачите која електрода, со кој поларитет и тоа не е така лесно, сепак сме далеку од таа цел“.

 

Пелтечењето не е невообичаено

Во Германија, со речиси 84 милиони жители, се проценува дека околу 800.000 луѓе трајно пелтечат. Повеќе од пет проценти од малите деца пелтечат, или околу 50 од 1000 деца. Момчињата се погодени почесто од девојчињата.

Пелтечењето често започнува ненадејно, на возраст од 2 до 6 години. Ова нарушување, исто така, обично исчезнува само по себе во текот на следните две години, но околу 1 процент од заболените сè уште пелтечат во возрасно доба.

Лековите, терапијата за дишење или релаксација или кои било други терапии за третман всушност не делуваат против пелтечење, како што ветуваат некои терапевти. „За жал, сè уште имаме надрилекари кои ветуваат чудотворен лек, така да се каже, затоа мора да бидете внимателни“, вели проф. Зомер.

„Дури и најтешкото пелтечење може да се спречи со едноставни методи како т.н метроном-говор, но потоа пелтечењето не исчезнува, само се крие зад изменетиот начин на зборување“, вели Зомер за ДВ.

 

Како да се помогне

Засегнатите често се обидуваат да избегнат одредени зборови или ситуации на зборување поради срам или страв да не бидат засрамени. Ова може да предизвика засегнатите да се повлечат од секојдневниот живот и да станат социјално изолирани.

Затоа, луѓето кои пелтечат исто така учат да се справуваат со тешки ситуации. „Најголемата опасност кога пелтечите е да ја држите устата затворена, а многу заболени го прават тоа. Избегнувањето на говорот е неповолно, бидејќи значително ги ограничува можностите за развој на луѓето. Затоа е важно да не молчите, туку да кажувате што сакате“, советува неврологот Зомер.

Групите за самопомош може да помогнат да се надмине стравот од зборување. Обично е корисно да се соочите со пелтечење отворено и самоуверено со семејството, пријателите или на работа.

Но, она што не им треба на луѓето кои пелтечат се, додуша, често добронамерните совети како што се: дишете длабоко, концентрирајте се, смирете се. Ваквите совети само нервираат или вознемируваат.

„Затоа најдобро е да чекате, гледате и слушате. На луѓето кои пелтечат им треба повеќе време, така е! Секогаш има луѓе кои се обидуваат да продолжат со збор или реченица. Како прво, многу е болно да прекинеш некого. Освен тоа, можеби лицето кое пелтечи не сакало да го каже зборот кој вие го изговарате за да помогнете. Тогаш работите се комплицираат“, вели Зомер. (Dw)

Back to top button
Close