И владата на СДСМ разговараше со Обединетото Кралство, но за други проекти – вели Фатмир Битиќи

Ние со Обединетото Кралство преговаравме за неколку области – енергетика, железници и при крај на мандатот ни беше презентиран концепт за инвестиции во здравство, но разликата беше во пристапот и кои проекти би требало да бидат вклучени, рече пратеникот од редовите на СДСМ и ексвицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.

Битиќи вели дека во периодот кога на чело на Владата беа СДСМ и ДУИ, се одвивале разговори со тогашниот специјален пратеник за Западен Балкан, Стјуарт Пич.

„Ние имавме пристап на додадена вредност за следните генерации, што не значи автоматски дека ќе се случи проектот додека ни е мандатот, може да се случи и после нашиот мандат, но бенефитот ќе го добијат нашите деца и внуци. Наместо да им оставиш наследство од илјадници евра за враќање без одреден бенефит, ние велевме дека ќе добијат одреден позитивен бенефит од тоа што ќе направиме и тоа беше нашата замисла и за секторот енергетика, и во железници и здравство“,вели Битиќи.

На пример, рече тој, доколку нема железница од Кичево до албанската граница и доколку нема пруга од Крива Паланка до Бугарија, со нивно создавање ќе се добие одредена вредност.

„Зборувавме за Коридорот осум и за рехабилитација на Коридорот десет, затоа што сметам дека поисплативо и денеска има доволно аргументи, секојдневно излегуваат доволно аргументи дека Коридорот десет треба да се рехабилитира, а не да се постави како целосен нов. Особено дискусиите дали ќе имаме брз воз, тоа ќе го оставиме на експертите, но што ќе ти е брз воз од 160 километри на час ако кога ќе дојдеш на граница треба да намалиш брзина оти од другата страна нема брза пруга“,кажа пратеникот.

Во однос на енергетиката, се разговарало за обновливи извори на енергија како водород и мали модуларни реактори, кои според Битиќи се иднината на производство на електрична енергија. За нивна изградба разговарале со водечки британски компании.

На новинарско прашање зошто разговорите не успеале и дали има вистина во наводите дека одредени влијателни луѓе во домашниот енергетски сектор биле против оваа идеја, Битиќи рече дека немало доволно време и оти како и сè друго во државата, можно е дека на некој не му се допаднала оваа идеја бидејќи во општеството секогаш сме заложници на интереси на одредени групи.

„До мене не стигнале, бидејќи знаеле веројатно каков орев сум, дали сум мек или тврд, но знам со сигурност кога се правеше стратегијата за енергетика, имаше скоро нула стратегија за наредните 20 години, нула спомнато за водород, никаде не беше спомнато складирање на електрична енергија, а да не кажам за малите модуларни реактори. Фактот дека највисокото тело во државата, а тоа е МАНУ, би требало да креира рамка за развој на секој сектор, а овие три работи не ги спомнува, а сега испливуваат на површина, новиот закон за енергетика вели дека е потребно складирање на енергија затоа што само така рационално ќе се користи, јас сум кажал зошто не сте го спомнале во стратегијата, како ќе се операционализира“,изјави Битиќи.

Back to top button
Close