Почина Владимир Лапе – доајен на македонското новинарство

По кратко боледување, денеска почина Владимир Лапе, еден од најистакнатите македонски новинари и доајен на новинарската професија. Тој зад себе остави богато професионално наследство и длабок печат во медиумската историја на Македонија.

Роден во Скопје во 1946 година, Лапе со новинарство започна уште како студент, во средината на шеесеттите години. Првите новинарски чекори ги направи во редакцијата „Млади за млади“ во тогашното Радио Скопје, а подоцна беше еден од уредниците на неделникот за млади „Фокус“, каде што припаѓаше на првата генерација прогресивни новинарски уредници.

Во 1970 година започна со работа во Телевизија Скопје, денешната Македонска радио телевизија (МРТ), каде што ја изгради целата своја кариера. Од новинар и коментатор, преку водител и известувач, Лапе напредуваше до позицијата главен и одговорен уредник за надворешна политика.

Неговите репортажи и анализи ги обиколија сите континенти, а беше сведок и хроничар на најзначајните настани поврзани со надворешната политика на Македонија. Особено ќе остане запаметен по извештајот од Њујорк за историскиот прием на Македонија во Обединетите нации во април 1993 година.

Целиот свој работен век го посвети на новинарството, сè до неговото пензионирање во 2010 година. Колегите ќе го паметат како човек со редок новинарски сенс, исклучителна стручност и интегритет, а јавноста – како еден од оние чии зборови оставаа трага.

Владимир Лапе замина, но неговото дело останува да сведочи за една посветена, длабоко професионална новинарска епоха

Back to top button
Close