Идентитетот не се стекнува, а ниту се губи во европскиот парламент
м-р Глигор Стоименов
По изјавата на премиерот во врска со гласањето на Извештајот за напредокот на нашата земја кон ЕУ, сите дознавме дека идентитетот бил во прашање а не уставните измени! Аууу, навистина сум изненаден од ова сознание.
Почитувани, не мислев воопшто да пишувам текст околу ова тема затоа што многу пријатели онака добронамерно ме советувале дека едноставно не вреди, на кого ќе објаснуваш ми велат? Иако многу страници се напишаа околу преговарачката рамка и Францускиот предлог, се објаснија многу работи, во што и самиот учествував со свои текстови сепак мислам дека не е доволно. Не е доволно од причина што наспрам себе имате една пропаганда која игра со емоциите на луѓето и им кажува дека некој ќе ни го земе идентитетот. За жал многу луѓе се уште веруваат во тоа. Други пак не веруваат, ама политички се ускладени да веруваат и да учествуваат во оваа пропаганда еве веќе три години. Но сепак мислам дека сите ние кои работиме на овие теми, сме се школувале за тоа, сите ние кои имаме познавање околу меѓународните односи, меѓународното право, правото на ЕУ, должни сме постојано да објаснуваме како стојат работите, должни сме да им ја кажуваме вистината на луѓето и само тоа. Оние кои се плашат да го прават тоа или сакаат да бидат само комфорни опортунисти треба да се срамат. За жал има многу такви професори, експерти, невладини организации и други слични ебиветровци, кои ни атар кршат ни работа вршат.
Кога некој ќе Ви каже дека ќе го земат идентитетот на нацијата со гласање во Европскиот парламент за извештај кој не е обврзувачки и беше пред се во функција на тоа да претставува ветер во грбот за да ги донесеме уставните измени, но кога тоа го кажува премиерот мора сите да се запрашаме што сакал всушност да каже.
Па дали е можно некој да ни го земе идентитетот во Европскиот парламент??
Дали “намерно“ или “ненамерно“ се заплеткавме во Европскиот парламент?
Јас се уште не знам и не можам да разберам како се зема и дава идентитет??
Ајде да тргнеме по ред.
Извештајот за напредокот на нашата земја подготвен од страна на известувачот од Европскиот парламент Томас Вајц беше во насока на тоа да не охрабрат и поттикнат да ги направиме Уставните измени. Токму затоа во извештајот се афирмираше повторно прашањето за потврда на нашиот јазик и идентитет што всушност немаше потреба затоа што ние го добивме тоа многу порано во преговарачката рамка што за нас е суштинска, овој извештај секако не е суштински. Но велам дека во Брисел процениле дека ете можеби ќе го охрабрат нашиот премиер околу уставните измени со тоа што повторно ќе ги афирмираат овие прашања.
Инаку во “извештаите за напредок на одредена земја“ се опишува всушност моменталната состојба и спремноста на државата во процесот на евроинтеграциите, ништо друго. Тоа впрочем и неколку пати го потврди самиот известувач Томас Вајц во неговите изјави. Имам впечаток како и нему да не му е јасно зошто се дигна ваква “галама“ околу еден извештај. Извештаите за напредокот на една земја кандидат, служат понатаму како референци за Европската Комисија која е оперативно тело на ЕУ.
Почитувани, нашиот јазик и идентитет го зацврстивме во преговарачката рамка од 2022 година. Го потпишавме и првиот договор (Фронтекс) во рамките на ЕУ на нашиот македонски јазик. Токму затоа дипломатите од Брисел се исчудуваат што всушност ние бараме?? Но имам впечаток дека владејачката партија во намерата да ни го претстави овој извештај како некоја “голема дипломатска победа“ на крајот сосема се заплеткаа. Оваа претстава суштински ништо не значи. За волја на вистината, едноставно ништо не се решава со овој извештај на Европскиот парламент, каков и да биде. Сите ни го кажуваат тоа. Сето ова околу вметнување на идентитетски прашања беше направено за наше охрабрување, иако не гледам никаква потреба од тоа.
Бугарските европратеници реагираа на ова во извештајот, затоа што се дополнува со идентитетски прашања што не се карактеристични за еден “извештај за напредок на одредена држава“! Едноставно ја отворивме пандорината кутија! Јас не ги оправдувам нив со тоа што вметнаа амандман за нас како “нова модерна нација“, на што се приклучија и пратениците од Европските десни партии, но не знам што очекувавме ние, дека нема да реагираат?? Многу е наивно да не видите дека ова ќе се случува. Понатаму се случи тоа што се случи, што сите го видовме, кога сакаш од ништо да направиш нешто. Претстава и театар за народот во двете земји без никаква суштина. Едноставно немаше никаква потреба и од двете страни да се дебатира за овие прашања во извештајот кој не е суштински и облигаторен документ, особено кога веќе ја имаме преговарачката рамка.
Бугарските европратеници секако дека нема да го признаат нашиот јазик, тоа не е големо откритие на премиерот па сега така театрално и “надахнуто“ да ни објаснува како тој бил многу изненаден! Тие нема уште 100 години да го направат тоа. Но каква врска има сето ова??? Токму затоа ја имаме преговарачката рамка со ЕУ и тоа е нашата победа. Не треба веќе да бараме од Бугарија да го признава јазикот и идентитетот. Со ЕУ си имаме работа. Како тоа не го разбираат човече? Мислам дека добро разбираат ама ја мафтаат нацијата три години само за политички рејтинг и ништо друго.
Па сега замислете го апсурдот. Ќе сме извојувале голема победа ако се усвоел извештајот, ќе било тоа голема дипломатска победа. Каква победа бре? Сега може да се случи на пленарната седница да помине извештајот со прифатен амандман на Бугарските европратеници поддржан и од други пратенички групи. Но како и да помине, во основа тоа не решава ништо околу нашиот идентитет! Нашиот идентитет ниту се брише ниту се добива во европскиот парламент, едноставно само ќе служи за една масовна манипулација на луѓето, уште посилен аргумент да одбиваме да ги спроведеме уставните измени и една непродуктивна дебата и обвинувања, а секако ќе продолжиме и понатаму да кукаме над својата судбина.
Што значи идентитет на една нација во меѓународно-правни рамки?
Почитувани, тоа сме го пишувале и порано. Идентитет на една нација во меѓународно-правни рамки се поврзува со меѓународно-правниот субјективитет на таа држава-нација. Тоа се стекнува со добивање на територија, јазик, народ и суверена власт врз таа територија. Тогаш за една држава-нација велиме дека има меѓународно-правен субјективитет, односно е носител на права и обврски во меѓународниот поредок. Тоа е денес најсилен аргумент и дефиниција за нација, кога сте признати дека имате свој субјективитет, инаку има многу теории за нациите. Нашата македонска нација е веќе етаблирана и призната по сите овие критериуми!! Дегутантно е тоа да бараме да ни признаваат идентитет. Абе признат е веќе од цел свет, не знам што бараме и што измислуваме.
Зошто некој уште се плаши дека може да ни земат идентитет, ама ова е бесмислено. Зошто некој сака да произведува “мал и уплашен македонец“ кој се плаши дека некој ќе му ја избрише нацијата и тоа замислете во извештај, апсурд до небото. Па сега еве го “спасителот“ во ликот на премиерот кој ќе се бори да не го направат тоа ама не знаеме дали ќе успее?? Оф мори мајко, вели народот.
Што треба да се прави понатаму?
Мислам дека сите треба да се вразумат, ова особено се однесува на владејачката партија. Треба да престанат веќе, аман, три години го прават тоа, бранат идентитет, го мафтаат народот со тоа дека некој ќе ни поставува нови услови, ќе ни ја избришел нацијата итн. Тоа едноставно е манипулација и пропаганда за политички рејтинг. Со ова се прави дневна политика а ништо не се решава. Треба да настапат искрено, да признаат дали сакаат воопшто да ја тераат агендата за влез во ЕУ или не сакаат. Па тогаш народот нека одлучи на избори. Ама не вака со оваа политика, демек сакаме ама ќе ни поставувале нови услови, ќе ни земеле идентитет, бла, бла, бла, само претпоставки.
Како прво, нема нови услови од страна на ЕУ. Тоа е официјален став на Брисел. Официјално и Бугарската страна се изјасни за тоа.
Како да им веруваме?? Па никако, едноставно мора да работиме, да одиме напред и да се бориме, а не да кукаме над својата судбина, гаранции во меѓународната политика нема! Секогаш во главите на многу политичари таму во Бугарија ќе има нови услови, ама тоа за нас официјално не е релевантно. Тоа е нивна домашна политика. Ние веќе имаме работа со Брисел. Ние ја имаме преговарачката рамка!
Како второ, Бугарија не може и да сака да не блокира и да стави вето во текот на преговорите затоа што вето не постои за време на преговарање по тематски кластери, туку одлуките за напредок и отворање на поглавјата се носат со квалифицирано двотретинско мнозинство од страна на Европскиот совет доколку има одреден спор со одредена земја кандидат. Тоа е уште една лага на нашите политичари од власта дека кога и да сакале ќе не блокираат, ма немој молим те, едноставно немаат механизам и да сакаат. Следното “вето“ кога евентуално би можела Бугарија да ни го стави е кога ќе ги завршиме преговорите, односно пред нашиот прием во ЕУ кога се бара консензус. Но тогаш многу потешко ќе го направат тоа.
Како трето, една лага која кој знае по кој пат ја објаснуваме. Ќе ни ја менувале историјата и ако не сме прифателе ќе ни ставеле вето. Алооооо, абе нема врска ова, немаат механизам едноставно да го прават ова.
Имено, обврските од почитување на договорите од Преспа како и договорот за добрососедство со Бугарија во чии што рамки се наоѓа и историската комисија и нејзината работа, се додадени во нашите обврски кои произлегуваат токму околу почитување на копенхашките критериуми, односно добрососедски односи. Принципите и работата на историската комисија е прецизирана во протоколите но тоа не е дел од преговарачката рамка по кластери туку во делот на копенхашките критериуми и не е директно поврзан со тематските преговори. Односно, до колку дојде до застој во историската комисија не може да се одрази на брзината на нашите преговори по кластери, едноставно овие работи се различни. Тука исто така се прави манипулација која граѓаните не ја разбираат.
Како четврто, единствен услов да ги продолжиме преговорите остануваат уставните измени, друго нема.
На крајот почитувани, да расчистиме со себе еднаш, сакаме во ЕУ или не, некој изгледа ептен многу не сака, ама сите веќе знаеме кој???