Вучиќ паѓа, и ние со него?!
Низ целиот живот, во нас се борат два волка – добар волк и лош волк, и секогаш победува волкот што го храниме повеќе – го учи индијански поглавар својот внук!
Ние, не само што ептен многу го храниме лошиот волк, туку истовремено го труеме добриот волк, без некоја оформена свест дека животот е она што ние самите правиме од него. Лошо е кога политиката ќе ја претворите во работилница за производство на минато и неизвесност, и кога јавниот живот нaместо систем, ни е претворен во тест за издржливост.
Го начекале новинарите Трамп на самитот на НАТО, па иронично го прашале зошто не ја запре војната во Украина за 24 часа?! Трамп смирено одговори: „Затоа што е многу потешко отколку што можeмe да замислиме. Путин е потежок, а имав некои проблеми и со Зеленски… Тукушто завршивме војна за 12 дена, а таа војна тлееше 30 години (мислејќи на Израел и Иран). Ги смиривме Руанда и Конго. Србија беше пред одлука за војна!“ Но, не прецизирал кого планирала да нападне Србија!
Дека нешто сериозно се мати во Балканот, анализира и познатиот Институт за надворешно политички истражувања (Foreign Policy Research Insitute – FPRI). Таа со години третирана, „мирољубива“ Русија, со години напаѓала околни држави – Јужна Осетија, Абхазија, Грузија, Молдавија (Придрестровје), провокации во морските води околу Калининград, а Украина e веќе потонатиот дел од санта мраз. Таков „жежок“ мраз со рефлекс на хибридна војна, во изобилие плови низ западен Балкан. Путин ги користи Орбан, Вучиќ и Додиќ како алатка за овдешна дестабилизација, особено сега кога НАТО плови со ептен расипан компас. Дури нема ни јасно толкување ниту за членот 5 од Пактот.
А голема Србија наречена со меко име „српски свет“ е сосема идентична со „рускиот свет“. Таков голем свет има природна потреба да зграпчи од околните мали светови. Цената за такви лудничави светови скапо ја плаќаат бројни луѓе, народи и држави. А цената за „српскиот свет“ можеби во вид на данок на крв ја плаќаат обични луѓе во БиХ, Црна Гора, Косово, а башка и ние во Македонија! Нашата власт за жал нуди „работна рака“ за темелите на таков пеколен свет во време кога зборовите „идентитет“, „достоинство“, „уцени“, „омаловажување“, „понижување“ ги има издигнато до небески размери. Ваква „пеколна“ геополитика, подолг период е констатиран од компетентни и реномирани европски и светски аналитички центри. И сега нашиот брод е полн со буриња барут, па фали само мала искра за солидна експлозија.
Сега кога на Вучиќ жешко му гори под нозете, а сите стравуваат од неговиот суициден ген. Тој може и без живот, но никако без власт, велат познавачите на неговиот карактер. А од нашата влада ниту пола збор за опасното жешко лето и уште поопасна неизвесна есен, кога се очекуваат сериозни судири внатре во Србија, доколку Вучиќ ги игнорира барањата за паралелни избори. Ваквите внатрешни големи тензии, Вучиќ лесно би можел да тргне да ги неутрализира со некаков регионален конфликт, првенствено во однос на БиХ и Косово. Свесна на тоа Хрватска, веќе нуди регионален одбранбен сојуз по линија на „традиционалните пријателства и непријателства“ во регионот.
Последните информации велат дека има интензивни средби за некаков функционален регионален одбранбен сојуз меѓу Хрватска, Албанија, Бугарија и Косово. За жал Македонија (која западни анализи веќе ја сместуваат во оската Вучиќ, Орбан, Додиќ), гордо од „мостот на смрта“ ѝ мафта на балканското и македонското зло! За жал таа веќе е престројувана на губитничката страна, оти режимот на Вучиќ според сите анализи се наоѓа во смртна постела. Српските студенти сега ја менуваат техниката и тактиката, и веќе најавуваат општа граѓанска непослушност, која сигурно ќе доведе до пад на вучиќевиот режим. Бројни информации говорат дека во САД, ЕУ и Турција веќе работат тоа да се случува без големо крвопрелевање.
Но, сепак Западот стравува од „непромислени потези“ на Вучиќ што може да доведе до граѓанска војна во Србија, а и до регионална дестабилизација. Иако на Вучиќ му откажуваат важни меѓународни и внатрешни актери, тој сепак има сила за да прави проблеми. Познато е дека САД брутално го дескредитираа Вучиќ, токму кога тој во Вашингтон, нели „ќе се сретнел дури два три пати со Трамп“! Секако дека секоја енормно преувеличена вистина се претворува во голема лага. А доби понижувачки клоци од Вашингтон. По неколку дена него го шутна и самиот Путин, наводно поради продажба оружје на Украина. Сега во негова поддршка е само Додиќ, кој самиот знае дека без Вучиќ три дена не може да биде на власт во Република Српска. А нашата поддршка не му значи ништо.
За жал, кога целиот свет кај Вучиќ гледа како на минато, македонската влада гледа како на иднина. Тоа е така штом во главата имаме повеќе сунѓер отколку мозок! Тогаш сите ќе мора да се возиме со авион без пилот! Во времето кога Орбан, Вучиќ и Додиќ во темното минато бараат светла иднина, нашата власт сè уште е во длабок сон. Таа изгледа воопшто не знае што се случува, па секоја случајна средба и поздравување ја прогласува за „стратешко партнерство“! Насекаде сакала да меле брашно ама без воденица. Се фалевме дека сме вклучени во големи геополитички игри на „цареви“, а тие нè сместија кај дворските будали. Ние веќе сме навикнати за патот кон рајот да го прашуваме ѓаволот. Бркаме глупави „диктати“ кои врочем се ептен вкусна храна за бугарските националисти.
Ептен големи народи ама без држава!
Русија го користи Западниот Балкан првенствено за да ги оправда своите апетити врзани за Украина. Според FPRI, Москва тврди дека штом НАТО има право да го заштити Косово од Србија, тогаш и Москва има право да ги заштити Русите во Крим и Донбас, и насекаде на друго место (веројатно се мисли на трите прибалтички држави). Таквата реторика многу му одговара на Вучиќ кој сака некако да ја спаси кожата од промените во Србија. Ама македонското водство како да ужива играјќи фудбал на минирано поле. Таа три и пол децении плаче за својата судбина која самата ја прекројува со глупости и самата ја гази. Никако да се разбере дека меѓународната заедница не е рајска градина за собирање убави цвеќиња, туку мочуриште полно со трње. Денес во светот имаме големи народи кои немаат свои држави, а ние како здодевна пудлица цел ден лаеме кон сè и сешто.
Тамилите се етничка група од над 76 милиона, ама без своја држава. Тие најмногу живеат во Јужна Азија, а нивната историја датира од пред најмалку два милениума. Најстарите тамилски заедници се оние во јужна Индија и североисточниот дел на Шри Ланка. Денес низ целиот свет живеат голем број тамилски емигрантски заедници, особено во Малезија, Сингапур, Фиџи, Маврициус и Јужна Африка.
Сиките бројат над 47 милиони жители, и најмногу живеат во Индија. Тие се препознатливи по нивниот турбан, широки панталони и долги бради. Поради нивниот изглед, тие често ги мешаат со радикални исламисти, иако немаат апсолутно никаква врска меѓу себе.
Курдите се околу 43 милиони, и најмногу живеат во Ирак, Иран, Турција, Либан, Ерманија, Азербејџан итн., а немаат своја национална држава, иако нивната борба за држава трае скоро два века. Во анализите на Мекдовал се вели дека Курдите во Турција се околу 19%, во Ирак околу 23%, во Иран околу 10%, во Сирија околу 9%.
Постојат и бројни други големи народи, како што се народот Јоруба (со 36 милиони), Игбо (со 31 милиони), кои живеат во западниот дел на Африка, а кои поради бајрактаризам и внатрешни пресметки никако да успеат да прават своја држава. Нивниот ментален код е многу сличен на постојната наша најголема партија на власт. Празен патриотизам и десет чекори назад. Најголема опасност е кога едни луѓе немаат капацитет да владеат со себе, а со години владеат со други.
Македонија под водство на постојната власт, е сериозна закана за народот и државата, не само поради недостаток на визија за развој и благосостојба, туку воопшто и како опстанок. Центрите на моќ се уморни од нас, оти самите тие секој ден прават некакви тешки компромиси со други држави, со кои всушност се храни политиката и меѓународниот живот. А ние 35 години плачеме поради глупостите што самите ги смислуваме со цел вештачки да ја зголемиме својата природна маленкост. Ние цели 35 години создаваме многу повеќе проблеми отколку што можеме да конзумираме. Ние сме единствената држава во светот што имаме проблем со скоро сите соседни држави. А и со ЕУ! Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, со доза на ароганција ни кажа дека „постои само план А“. Во Брисел веќе не кријат дека се уморни од Македонија, и дека таа со ваква политика може да заврши зад БиХ и Косово. И тоа само ако имаме среќа! Со вакви „државници“ изгледа голема среќа и ќе ни треба. Оти таканаречените големи „патриоти“ обично донесуваат големи порази!
Мерсел Биљали