Пациентка со рак на бели дробови се жали дека за неа нема терапија на Онкологија
Рак на белите дробови во 4-ти стадиум и дијагностицирале на 64-годишна скопјанка. И препишале 4 хемотерапии во борбата со страшната болест. На 28-ми мај на онкологија ја примила првата хемотерапија. Втората терапија и била закажана на 18-ти месецов. Но, кога отишла на клиниката и рекле терапија за неа нема.
Оттогаш се поминати 11 денови. Наместо да се радува на внучето, кое има година и половина, таа сега чека да и јават дали ги набавиле потребните лекови за нејзиниот тип на канцер, а и самите доктори и кажале дека максимално, примањето на терапија може да се одложи за една недела.
На 18.06 ми беше закажана втората терапија. Поточно од вечерта се спремаш за да можеш да ја примиш терапијата. Меѓутоа првата терапија ја примив. Втората чекам да ми се јават затоа што ми рекоа немаат лекови за хемотерапија. До ден денес значи веќе две недели е поминато, уште немам извештај ниту некој ми се јавил и ми кажал што е проблемот. До седум дена не би имала проблем, е сега ни јас не знам што би требало понатака да се прави. Никој не ми се јави да ми објасни, ниту ми се јави да ми каже дали има некоја замена што треба да се прави. Едноставно чекам дали ќе добијат кога ќе добијат, вели пациентката.
Пензионерката не сакаше да си го открие ликот и идентитетот пред камерата на Телма од страв дека потоа може да има проблеми во процесот на лекување.
Извор: telma.com.mk