Од утре забрана за движење во шумите – казни до 2.000 евра
Од утре, 1 јули, стапува во сила целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, која ќе трае до 31 август, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Како што се наведува во соопштението, одлуката е донесена поради зголемен ризик од појава на шумски пожари, согласно насоките од Владата и барањата од ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови.
„Согласно член 57 став 3 од Законот за шумите, воведуваме целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, со цел да се превенираат пожари на отворен простор. Забраната важи од 1 јули до 31 август 2025 година“, соопшти МЗШВ.
Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение, издадено од надлежните подружници на ЈП „Национални шуми“ или од управите на Националните паркови за териториите со кои тие управуваат
Од Министерството потенцираат дека за непочитување на забраната, физичките лица кои ќе бидат затекнати во шума или шумско земјиште ќе се соочат со парична казна во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност, согласно член 106 од Законот за шумите.
Целта на оваа мерка е заштита на шумите и природата од катастрофални пожари во летниот период кога опасноста е најголема. МЗШВ апелира до сите граѓани строго да ја почитуваат забраната и да покажат одговорност кон природата и животната средина.