Тошковски и Муцунски по изборни гласови во Пустец
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, како што соопштија, оствариле „топли и конструктивни средби со локалното население“ и присуствувале на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
По Австралија, Пустец е вториот центар на дијаспората каде што ВМРО-ДПМНЕ традиционално лови гласови за избори, што го објаснува присуството на Муцунски и Тошковски на културен настан.
-Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослушал нивните предизвици и се обврзал дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
-Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот, порачал Муцунски.
Министерот упатил искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.