Апел на семејството на загинатата Ивона Антова – „Не беше само жртва на пожарот, беше оставена сама, без помош
Семејството на 21-годишната Ивона Антова, една од жртвите во трагичниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани со потресен апел на социјалните мрежи обвинува дека нивната ќерка не загинала веднаш од пожарот, туку била оставена беспомошна, без медицинска грижа во најтешките мигови.
„Ивона не беше само жртва на пожарот – таа беше оставена сама, претепана, без помош. Снимила сè – како ја буткаат, како паѓа, како моли за рака, а никој не ѝ помогнал“ – стои во објавата на семејството Антови.
Сметаат дека девојката со последни сили снимала и документирала како се обидува да се спаси, па наместо подадена рака, добила удари и игнорирање од луѓето околу неа.
Родителите сметаат дека Ивона е пронајдена во болница, оставена сама, без кислородна поддршка.
„Татко ѝ ја најде легната на страна, со рачето под главата, како да се обидела да стане, а не можела. Јас, нејзината мајка, не можев ни да ја видам – бев приклучена на инфузија, а срцето ми умираше со неа“ – се вели во сведоштвото.
Семејството бара одговорност од институциите и од сите оние кои, како што велат, затаиле и ја оставиле Ивона да умира сама во болка и страв.
„Љубовта кон Ивона нема никогаш да згасне. Ќе се бориме за неа, како што таа се бореше“, велат Антови