Мицкоски: Му простувам на таткото што изгуби син во „Пулс“ а ме навредуваше

Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното интервју на „Сител“ изјави дека сочувствува со болката на семејствата од Кочани и му простува на родителот кој загуби дете што го навредувал на камера. Запрашан што бараат родителите од Кочани од него, Мицкоски рече:

-Сега не би можел да кажам што бараат. Сочувствувам со нивната болка. Трагедијата беше ужасна и не задеси после 8 месеци влада. Она што го направивме ретко кој го има направено. Информацијата денес што ја добив е дека и последниот критичен пациент излегува од таа фаза од повредените. Првата група на Пониква помина со прв рехабилитационен период, сега ќе дојде втората група. Ќе ја следиме состојбата како здравствен систем и ќе направиме се за да одговориме позитивно. Знам дека луѓето од мојот кабинет се во континуирана комуникацја со повредените и фамилиите на починатите. Оној родител кој ме навредуваше, му простувам тоа е специфична ситуација во која не би можел да замислам како се чувствува човекот, рече Мицкоски.

Зборувајќи за „денокот за намажени и неженети“, идеја што ја размислуваше па од која се откажа, премиерот рече дека не се исплашил од бурните реакции на јавноста, туку дека желбата му била да ја крене свесноста за проблемот кој како што смета премиерот – се стреми да стане „катаклизмичен за иднината на државата и нацијата“. Премиерот рече дека ќе се работи на комбинирани мерки за да се спречи белата чума и нискиот наталитет. Меѓу нив спомена 6 ин-витро бесплатни процедури наместо досегашните 3, стимулација со ослободување од персонален данок на доход за мајките. Сепак премиерот повтори дека финансиските стимуланси според него и примерите кои ги цитираше за други држави во светот, не се гарант за зголемување на наталитетот туку тоа е промената на свеста. „Изумираме тивко и полека, мора да бидеме свесни“, рече тој.

-Мора да работиме со дечињата, од најрана возраст да сфатат во својата перцепција дека семејството е јас мама тато бато и дада. Умот и срцето се најважни, стимулансите ќе ги дадеме, рече Мицкоски.

Тој рече дека наскоро ќе се знае во кои општини ЗНАМ би имале кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и обратно, но разговорите се одвивале во констуктивен дух и пријателска атмосфера.

Зборувајќи за македонскиот јазик во извештајот на Европската Комисија, Мицкоски потенцираше дека никогаш порано, до оваа година во Европскиот Парламент гласно не се зборувало за македонските идентитет и јазик.

-Ова беше првпат македонскиот идентитет и јазик да бидат дел од извештај. За првпат сите европарламентарци ќе го имаат ова пред себе и некои од нив со талибански навики ќе предложат амандман да се избрише македонскиот идентитет и јазик. На сите им стана јасно во Брисел дека проблемот не се неколку стотини Бугари во македонскиот Устав, туку многу е подлабоко ова. Направена е историска штета од 2020 година навака и тоа не ја намалува нашата болка. Но поголем е бројот на нашите сојузници што ја сфаќаат вистината. Вакви работи во 21 век во Европа се спротивни на европските вредности, рече премиерот.

Back to top button
Close