Според извештајот, Северна Македонија станала отворен терен за руската пропаганда, за нетранспарентното економско влијание на Кина и за пренесување на овие влијанија преку политички и медиумски мрежи поврзани со концептот на „српскиот свет”. Унгарија и Србија играат улога на посредници, зајакнувајќи го авторитарното присуство и поткопувајќи го евроатлантскиот пат на земјата. Пропагандата против Европската Унија, која се шири преку домашните медиуми, ја злоупотребува идентитетското прашање за да го прикаже интегративниот процес како закана, а не како надеж.
Дополнително, извештајот отвора загриженост за постоење на стари мрежи од тајните служби, кои можат да бидат инфилтрирани и поврзани со странски интереси.
Наместо сериозен одговор, оваа Влада молчи. Наместо да го брани институционалниот суверенитет и западната ориентација на државата, таа дозволува Северна Македонија да тоне во изолација и инструментализација. Ова е резултатот кога власта им се предава на туѓи агенди, додека се занемаруваат најважните партнери на државата – Европската Унија и НАТО.
ДУИ со државотворна одговорност алармира: патот што го следи оваа влада е пат на изолација, институционално заробување и поткопување на демократскиот поредок. Иднината на нашите граѓани не лежи во зависноста од авторитарниот Исток, туку во целосната интеграција во европското семејство – со силни институции, транспарентна економија и одржлив мир.