Контраспин: Какви дронови, со „пивата пред кооперација“ ќе детектираме пожари
Во борбата против огнената стихија наместо со дронови од воздух за рана детекција на пожари, ќе се потпреме на ликови со пиво пред кооперација. Токму тие, онака „налегнати“ на пивата ќе детектираат пожари во планините и брзо, брзо ќе го алармираат Стојанче Ангелов, ќе му ѕвонат на мобилен… Па, тој ќе пристигне со „брзина на светлината“ и се разбира сето тоа ќе се снима во живо. Ама овојпат нема да дојде со гранка, туку со новата опрема за која толку многу им се заблагодаруваше на премиерот, министерот за внатрешни, градоначалникот на Кавадарци…
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во интервју на ТВ Телма, говорејќи за тоа што прави државата за да не ни се повторат ситуации пожарите како претходните години, во врска со употребата на дронови за детекција рече:
Спин: Наместо дронови (се смее и вели – ова може да биде искористено на социјалните мрежи), би честел со пиво неколку луѓе коишто немаат работа пред кооперациите низ селата околу планините и би рекол гледајте кон планината.
Ние немаме проблем со рана дојава, за сите пожари дознаваме многу бргу, нашиот терен државата е таква што отсекаде се гледаат… Еве ќе ја земеме струмичка Беласица кајшто имавме неколку пожари, одоздола од струмичко поле отсекаде се гледа ако почна да чади. Ама имаме насекаде луѓе кои пријавуваат…
Извори: Топ Тема ТВ Телма (од 23.37 до 24,14 минута од видеото) – Датум: 08.07.2025]
Контраспин: Во емисијата „Топ тема“, на прашањето на новинарот – што прават надлежните институции за превенција на пожарите при што ги спомна и дроновите, Ангелов спинувајќи одговори дека „наместо дронови би честел со пиво неколку луѓе пред кооперациja и би им рекол да гледаат кон планината….
Оваа негова изјава делува некако чудно, па и смешно. Впрочем, тој и самиот се насмеа, свесен дека таа на социјалните мрежи може да биде искористенa за шега на негова сметка.
Ангелов повеќе верува во старите испробани методи на дојава, отколку во ефикасноста на дроновите. Вели дека во „делот со раната дојава ние сме добри“ и дека „за сите пожари дознаваме многу бргу, нашиот терен државата е таква што отсекаде се гледаат…“.
Ама, изгледа само во конкретниот пример тој има резерви кон поновата технологија, со оглед на тоа што пред некој ден, на 06.07.2025 година, саркастично говорше за импровизираната борба против огнената стихија во минатото. Но, тогаш Ангелов на воениот полигон Пепелиште, беше застанат рамо до рамо со премиерот Христијан Мицкоски, министерот Панче Тошковски, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и други функционери, и не штедеше зборови за да им се заблагодари за новата опрема. (од 4,28 до 4.57 минута од видеото)
Благодарение на премиерот Христијан Мицкоски, благодарение на Владата, благодарение на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и благодарение на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев оваа година гранката нема да ми треба, бидејќи за разлика од минатите години имаме многу повеќе ресурси, ресурси со коишто борбата против огнената стихија која очекуваме во следниот период да ја зафати државата ќе биде многу поедноставна…
А во таа „ многу поедноставна“ борба против огнената стихија наместо со дронови од воздух за рана детекција на пожари, ќе се потпреме на ликови со пиво пред кооперација. Токму тие, онака „налегнати“ на пивата ќе детектираат пожари во планините и брзо, брзо ќе го алармираат Ангелов. Ќе му ѕвонат на мобилен, а тој ќе пристигне со „брзина на светлината“ и се разбира сето тоа ќе се снима во живо. Ама овојпат нема да дојде со гранка, туку со новата опрема за која толку многу им се заблагодаруваше на премиерот, министерот за внатрешни, градоначалникот на Кавадарци…
И, така слушајќи вакви „гачки“, ни стасаа нови пожари. Денес (10.07.2025) гори Чучер Сандево – Блаце, каде е зафатена ниска вегетација, во село Визбегово во Шуто Оризари каде гори депонија, во Прилеп – с. Бешиште, м.в. Бешишки Рид, мешана шума. Во пожари во Македонски Брод, се зафатени дабова шума и грмушки, помеѓу с. Црешнево и с. Локвица, ниска вегетација, пожар е проширен од фабрика „Самоков“ во с. Рамне, како и мешана шума во селата Слатина и Ковче. Исто така во општина Чашка, под Солунска Глава, м.в. Изворите на Бабуна и Бабина Дупка, има чад во карпест дел, а гори и нискостеблеста шума во село Николиќ во Дојран… Веќе пристигнува помош од соседите – Грција, Бугарија…
Туку, ич гајле да не береме, пивата пред кооперација ќе завршат работа!