Украина ја обвини Унгарија за „манипулативни изјави“ околу смртта на војникот со унгарско потекло

 

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георгиј Тихи, денеска ги обвини унгарските функционери поради, како што наведе, „манипулативни изјави“ во врска со смртта на украинскиот војник со унгарско потекло, Јожеф Шебештјен, поради наводно претепување во украински центар за регрутација при присилна мобилизација.

Тихи го сврте вниманието на вчерашното соопштение на командата на Копнените сили на Украина, која изрази сочувство до неговото семејство и најблиските, и даде детални информации за тоа што се случило.

– Ми се чини дека ова е исцрпна реакција на изјавите на унгарската страна … Но, важно е да додадеме нешто од наша дипломатска перспектива … Изјавите на Унгарија се апсолутно манипулативни и одат во прилог на Русија и нејзината пропаганда, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, пренесе Укринформ.

Тихи укажа на фактот дека во изјавите кои доаѓаат од Унгарија, Русија воопшто не се споменува никаде, па би можел да се стекне впечаток дека мобилизацијата во Украина постои „сама по себе“. Тој потсети дека причината за мобилизацијата во Украина е „руската агресија“, напоменувајќи дека е „нелогично и апсурдно“ да се игнорира овој факт.

– Исто така, сакаме да ја потсетиме унгарската страна дека во услови на постојана руска закана, секој Украинец, а тоа особено се однесува на Украинците од унгарско потекло, е принуден да ги брани своите домови, животите на своите роднини и суверенитетот на својата држава, забележа Тихи.

Според него, сите поединечни случаи поврзани со прашањето за мобилизација се разгледуваат во рамките на важечкото законодавство. Тихи предупреди дека обидите на унгарските функционери да го искористат ова за политички цели им штетат на украинско-унгарските односи и ја повика Будимпешта да се воздржи од понатамошни шпекулации на оваа тема.

– Ако Унгарија навистина е загрижена за судбината на етничките Унгарци кои живеат во Украина, би било препорачливо да ги насочи своите напори и да влијае на Русија прво да го прекине гранатирањето, а потоа и агресијата, нагласи портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи.

Унгарскиот весник „Телекс“ претходно објави дека украинскиот амбасадор во Унгарија, Фјодор Шандор, бил повикан во унгарското Министерство за надворешни работи поради смртта на жител на Закарпатје со унгарско потекло, Јожеф Шебештјен, за време на присилна мобилизација во територијалниот регрутен центар.

Командата на Копнените сили на Украина соопшти дека тој е државјанин на Украина, мобилизиран врз законски основи. Во соопштението се наведува дека Шебештјен бил мобилизиран на 14 јуни и дека следниот ден бил испратен во една од воените единици. Меѓутоа, на 18 јуни тој ја напуштил воената единица без оружје. Неколку дена подоцна, на 24 јуни, Шебештјен лично отишол во Брза помош и бил хоспитализиран со дијагноза „акутна стресна реакција“, а според соопштението на војската, починал на 6 јули.

Судско-медицинскиот преглед утврдил дека причина за смртта е пулмонална емболија и дека немало знаци на физички повреди. Војската, исто така, ја отфрли претпоставката за присилна мобилизација и злоупотреба од страна на војници од територијалниот центар за регрутација.

Весникот „Маѓар Немзет“ објави дека 45-годишниот Јожеф Шебештјен починал во болница три недели откако полицајци од територијалниот центар за регрутација го привеле на улица, го натерале да влезе во минибус, го одвеле до регрутниот пункт и го тепале со метални шипки. Сестрата на починатиот објави снимка на која, како што тврди, украински војници го злоставуваат нејзиниот брат. Унгарскиот ТВ канал Хир пренесе дека украинскиот амбасадор во Будимпешта, Шандор Феѓира, по сослушувањето, рекол дека може да „сподели малку информации за случајот“

Back to top button
Close