Хесет: Трамп може да го отстрани претседателот на Федералните резерви од оправдани причини
Американскиот претседател, Доналд Трамп, има овластување да го отстрани претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, од оправдани причини, ако има доказ за тоа, изјави денеска економскиот советник на Белата куќа, Кевин Хесет, додавајќи дека Федералните резерви имаат многу да објаснат во врска со пречекорувањето на трошоците за реновирање на нивното седиште во Вашингтон.
Хесет изјави за Еј-Би-Си Њуз дека секоја одлука на Трамп да се обиде да го отстрани Пауел поради тоа што нговата администрација го нарекува пречекорување на трошоците од 700 милиони долари во голема мера ќе зависи од одговорот што шефот за буџет на Белата куќа, Рас Вот, го испрати до Федералните резерви.
Британските медиуми пренесуваат дека Вот минатата недела го напада Пауел за неговото „арогантно реновирање“ на зградите на Федералните резерви и неговиот одговор на низа прашања за проектот вреден 2,5 милијарди долари.
На платформата X, тој го спореди проектот со француската Версајска палата, со своите градини на покривот, водни елементи и луксузен мермер.
Коментарите на Хесет потврдуваат дека администрацијата на Трамп активно ги истражува трошоците за реновирање и изјавата на Пауел за проектот како можна причина да се обиде да го отстрани претседателот на Федералните резерви долго пред да истече неговиот мандат во мај 2026 година.
Трамп постојано бараше Пауел да поднесе оставка бидејќи не успеа да ги намали каматните стапки откако се врати на претседателската функција во јануари