Поскапува автопатот Кичево – Охрид – Мицкоски најави зголемувањето на кредитот поради свлечиштата

Ќе се зголеми кредитот за доизградба на автопатот Кичево-Охрид, ова го најави премиерот Мицкоски ден по пуштањето на 20 километарската делница.

Тој не прецизираше колку точно ќе изнесува новата корекција на цената на автопатот, но како причина го наведе стабилизирањето на свлечиштата за кои очекува да се завршат на почетокот на 2027 година.

„Таа делница од Врбјани до Кичево е исто така во должина од 17 километри дополнително треба да се заврши бидејќи има 10 свлечишта. Од месноста кај селото Ботун исто така има 6 свлечишта, тие се можеби поголеми и попредизвикувачки. Проектите веќе се готови, очекувам во август месец да отпочне нивната реализација. За сето ова за кое што зборувам е потребно зголемување на рамката на кредитот, бидејќи за жал тоа не било предвидено во минатото“, вели Христијан Мицкоски.

Од СДСМ критикуваат дека овој автопат Кичево Охрид ВМРО-ДПМНЕ го почнала без да се решат клучните прашања и го користела само за политичка промоција и сликања, а дека во времето на СДСМ на власт тие го довеле пред завршница.

„СДСМ го спаси проектот од целосен колапс и го донесе до финална фаза, со трајни и безбедни решенија за граѓаните и за државата. На граѓаните им порачуваме: автопатот Кичево–Охрид не е заслуга на ВМРО-ДПМНЕ туку на работата, одговорноста и решителноста на СДСМ да го спаси нивниот фушерај и да го заврши во интерес на сите“, вели СДСМ.

Автопатот Кичево – Охрид започна да се гради уште во 2014 година и тогаш беше предвидено да чини 374 милиони евра, но достигна скоро 600 милиони евра. Првичните планови беа да биде готов по четири години, но рокот за изградба неколкупати беше пролонгиран. Делницата важи за еден од најзначајните инфраструктурни проекти во рамки на паневропскиот Коридор 8.

Back to top button
Close