Владиката Петар им забрани на неговите свештеници да имаат профили и да пишуваат на фејсбук
Во наредбата на митрополитот им се забранува на свештениците од неговата епархија да имаат вистински или лажни профили на мрежите
Митрополитот Преспанско-пелагониски на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), Петар, им забрани на свештениците од неговата епархија да имаат профили на социјалните мрежи. Владиката денеска издал наредба во која најавува и казни за поповите кои ќе се излажат да пишуваат на „Фејсбук“, „Инстаграм“ или „Икс“, пишува „Религија.мк“.
Порталот го објави документот потпишан од митрополитот Петар, а во образложението на забраната пишува дека личните ставови што сè почесто ги изнесувале свештеници можеле да се толкуваат како официјални ставови на епархијата, односно на МПЦ-ОА, па оттаму целосно се забранува користењето на социјалните мрежи.
-Поради сè позачестеното изнесување ставови, мислења и коментари на социјалните мрежи од страна на свештени лица од нашата епархија, за теми коишто се надвор од црковно-пастирскиот живот, а се однесуваат на дневнополитички настани и случувања, кои би можеле да се толкуваат како официјален став на Преспанско-пелагониската епархија, односно на МПЦ-ОА, ЗАБРАНУВАМЕ на сите свештени лица од ППЕ да поседуваат сопствени профили на „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Икс“ и слично, или пак да поседуваат профили под друго (лажно) име. Секое непочитување на оваа наредба ќе биде соодветно санкционирано. Оваа наредба стапува на сила веднаш по нејзиното донесување, пишува во наредбата, на која стои денешниот датум – 15 јули.
Митрополитот во наредбата не прецизира што освен Божјата помош планира да користи за да ги открива евентуалните лажни свештенички профили.
„Религија.мк“ потсетува дека владиката Петар, познат по ригидните, конзервативни и често контровеезни ставови, имаше слична иницијатива за забрана на социјалните мрежи и пред десетина години, но ја повлече по реакциите во јавноста.