Над 92 отсто од домаќинствата во Македонија живеат во сопствен стан, наспроти 68 отсто во ЕУ, покажуваат податоците на Евростат и ДЗС
Сопствениот дом е најзастапениот начин на живеење во Македонија, каде што 92,7 отсто од домаќинствата живеат во сопствен стан. Тоа е значително над просекот во Европската Унија, каде што 68 отсто од населението има сопствен дом, покажуваат податоците на Евростат и Државниот завод за статистика.

Според најновите податоци на Евростат, Словачка е на врвот во Европската Унија со 94 отсто население што живее во сопствено живеалиште. Германија е единствената членка во која мнозинството жители живеат под кирија, а сопствен дом имаат 47 отсто од населението.
Податоците на Државниот завод за статистика за 2024 година покажуваат дека во Македонија 1,2 отсто од домаќинствата изнајмуваат цел приватен стан, 0,5 отсто користат дел од приватен стан, а 0,3 проценти живеат во државен стан. Други 5,1 отсто живеат кај родители, деца или роднини. Евростат, пак, наведува дека во 2024 година 87 отсто од населението во Македонија живеело во сопствен дом. Разликата произлегува од различната методологија: едниот показател се однесува на домаќинствата, а другиот на населението.
Сопственоста не значи нужно и помали трошоци. Во 2025 година домаќинствата во ЕУ во просек издвојувале 18,9 отсто од расположливиот доход за домување. Најголем удел е забележан во Грција, со 34,6 отсто, а најмал во Кипар, со 10,9 проценти. Во регионот, Србија издвојувала 20,2 отсто, Бугарија 18,1, а Хрватска 11,5 проценти.
Проблем остануваат и условите за живеење. Во ЕУ, 8,8 отсто од населението не можело финансиски да си дозволи соодветно да го загрее домот, додека 7,7 отсто живееле во домаќинства кај кои трошоците за домување надминувале 40 проценти од расположливиот доход. Дополнително, 16,9 отсто од населението живеело во пренаселени станови.
Во меѓувреме, инвестициите на домаќинствата во станбени објекти во ЕУ во 2025 година се намалиле на 8,1 отсто од бруто расположливиот доход, што е најниско ниво од 2015 година.
Во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика, минатата година биле завршени 3.733 станови со вкупна корисна површина од 280.644 квадратни метри. Просечната површина на еден стан изнесувала 75,2 квадратни метри објави Скопје1.мк






