Државата не знае колку лекари имаме. Алиу вели бројките се различни кај институциите

Министерот за здравство Азир Алиу денеска призна дека институциите во државата немаат точна и усогласена евиденција колку лекари има во здравствениот систем. Според него, податоците кои ги добива од различни институции се разликуваат, а тоа е, како што рече, „базичен системски проблем“.

„Јас сѐ уште не знам точна бројка на доктори. И кога велам точна, мислам – бројка е бројка, не може да биде плус еден или минус еден. Ако тоа не го знаеме, тогаш не можеме да знаеме ниту дали имаме уште некој како оној случај во Струга“, рече Алии.

Изјавата доаѓа еден ден по објавата дека против 42-годишниот К. С. од Струга, вработен како лекар во Општата болница, е поднесена кривична пријава за несовесно работење во службата. Според полицијата, тој од 2019 до ноември 2024 година не се појавувал на работа, не го информирал работодавачот за прекинот на специјализацијата, и покрај тоа што му истекла лиценцата во 2020, продолжил да зема плата и додатоци, со што го оштетил буџетот на болницата за речиси два милиони денари.

„Ако еден ваков случај се појави во Струга, постои основана претпоставка дека можеби има и други, во други градови. И можеби додека зборуваме, тие сè уште функционираат“, додаде министерот.

Алиу откри дека уште во првите денови од преземањето на функцијата побарал од институциите конкретни и прецизни податоци за бројот и профилот на вработени во здравството. Но, како што рече, податоците што ги добива не се компатибилни, ниту пак одговараат на реалната состојба со систематизацијата и органограмите.

„Испративме ново барање, овој пат без условување со систематизација – туку за реалната бројка. Се чека одговор. За жал, секое барање трае“, рече тој.

Министерот додаде дека во Министерството се работи на функционална анализа која ќе даде јасна слика колку луѓе се потребни во системот, каква инфраструктура недостасува и колку време треба да траат медицинските процедури. Анализата, според него, е „една од најкрупните задачи“ и нема да се прави брзоплето, туку прецизно, по што ќе следуваат и реформите во здравствениот сектор.

„Сакаме процесот да биде точен, а не само брз. Пациентите не смеат да чекаат месеци за резултати. Со оваа анализа ќе знаеме точно каде сме и што недостига“, заклучи Алиу. (Skopje1)

Back to top button
Close