Бучава: Опасното загадување за коешто луѓето во ЕУ мора да чујат
Сезоната на летни одмори е во полн ек. Кој не сака да избега на некое тивко местенце на планина или на некоја затскриена плажа? Но патувањето со автомобил, воз или авион дотаму придонесува кон високите нивоа звучно загадување од кое се засегнати милиони Европејци низ целиот континент.
Според најновите проценки на Европската агенција за животна средина, секој четврти или петти граѓанин на ЕУ е изложен на хронично штетни нивоа на амбиентална бучава, а бројката е повисока во урбаните средини. Главниот извор е патниот сообраќај — и во градовите и во внатрешноста — а по него следи бучавата предизвикана од железничкиот и воздушниот сообраќај.
Според Светската здравствена организација, бучавата е вториот по големина причинител на здравствени проблеми предизвикани од животната средина, веднаш по загадениот воздух.
Звучното загадување е една од целите за нулта загадување на Европската комисија. Целта е да се намали уделот на луѓе хронично вознемирувани од сообраќајна бучава до 2030 г. за 30% во споредба со 2017 г.
ЕУ наведува штетни нивоа на звучно загадување во нејзината Директива за бучава во животната средина. Меѓутоа, не поставува максимално дозволени вредности ниту, пак, одредува мерки што државите мора да ги вметнат во своите акциски планови за справување со бучавата. Тоа спаѓа во надлежностите на земјите членки.
Исто така, ја регулира емисијата на бучава кај самиот извор, на пример, преку воведување закони за тоа колку бучава смеат да произведат возилата. Овие штетни нивоа се изложеност на бучава од 55 децибели или повеќе во текот на денот и вечерта, а на 50 децибели ноќе. Јачината на звук од 55 децибели е еквивалент на умерена бучава, како улични звуци во некоја населба или секојдневен разговор.
Како ни штети бучавата
Иако 55 децибели не звучи страшно, СЗО предупредува дека хроничната изложеност на амбиентална бучава има последици и врз физичкото и врз менталното здравје. „Живеењето на место погодено од сообраќајна бучава е поврзано со зголемен ризик од појава на цела низа здравствени проблеми. Тука спаѓаат оштетувања на кардиоваскуларниот систем, на метаболизмот и на менталното здравје“, вели СЗО уште во 2018 г.
Ако построгите критериуми на СЗО (45 децибели дневна бучава за авионскиот, 53 децибели за патниот и 54 децибели за железничкиот сообраќај) се применат во ЕУ, бројката од 20% изложеност — или околу 106 милиони луѓе — се искачува на преку 30%.
Продолжената изложеност придонесува кон 48,000 нови случаи на срцеви заболувања и 12,000 случаи на прерана смрт годишно во Европа. Поатаму, се проценува дека повеќе од 22 милиони луѓе страдаат од сериозна хронична вознемиреност и 6,5 милиони луѓе имаат проблеми со спиењето. Амбиенталната бучава е поврзана и со нарушувања на умствените способности и менталното здравје.
Марија Ангелес Бонмати, докторка од Здружението за спиење на Шпанија, објаснува дека бучавата во ноќните часови им попречува на луѓето во опуштањето и исклучувањето од секојдневјето, што е неопходно за да заспијат. „Може нагло да нѐ разбуди или да нѐ задржи во лесен сон, што го нарушува квалитетот на спиењето поради промените во неговата структура: Ни треба подолго да заспиеме, се будиме порано одошто треба или пократко сме во длабок сон и РЕМ-фаза,“ вели таа.
Толерирањето бучава во текот на денот се поврзува со покачен крвен притисок и стрес, заедно со влошено расположение, додава таа. „Важно е граѓаните да сфатат колку им е важно спиењето и одморот на нивните соседи, а важно е и институциите да го заштитат ова толку ретко јавно добро какво што е тишината.“
Освен врз здравјето на луѓето, амбиенталната бучава има штетни последици и по копнениот и водениот растителен и животински свет, предизвикувајќи нарушувања во однесувањето, потешкотии во комуникацијата и оштетена способност за размножување.
Кој прави толку врева?
Сообраќајната бучава се смета за главниот виновник, а патниот сообраќај е најголемиот причинител на звучно загадување. Во својата проценка објавена лани во декември — заснована на податоци од 2022 г. — Европската агенција за животна средина посочува занемарливо намалување на изложеноста на бучава, но и предупредува оти тоа може да се поништи од страна на сѐ погустиот сообраќај во урбаните средини во кои се доселуваат сѐ повеќе луѓе.
Опаѓањето на авионската бучава, кое е наведено во податоците — веројатно предизвикано од пандемијата на КОВИД-19 — сепак било краткотрајно. Како што соопшти Евроконтрол летово, обемот на воздушниот сообраќај и, следствено, бучавата — со 37,000 летови во најфреквентните денови — повторно ги достигнале нивоата пред почетокот на пандемијата.
Во Франција, владата минатата недела соопшти дека вовела построги правила за ноќните летови од аеродромот Париз-Орли за да го намали звучното загадување без да оди дотаму да го намали и бројот летови, како што барале екоактивистите и локалните жители.
Меѓу новите мерки е и „делумен полициски час од 10 часот навечер за најгласните авиони – само најтивките авиони ќе смеат да слетуваат и да полетуваат по 10 часот навечер“, се вели во соопштението на министерството за транспорт. За да се заштити ноќниот сон на локалните жители, во вториот по популарност аеродром во Франција се воведува и строга забрана за летови во периодот меѓу 11:30 часот навечер и 6 часот наутро.
По долгите протести од страна на екоактивистите и жителите против бучавата, владата соопшти и дека ќе направи национален план за поголема примена на звучна изолација околу големите аеродроми.
Псссст!
Напорите што се прават низ Европа за да се намали звучното загадување се недоволни и често им се оставени на регионите, па и на локалните општини.
Податоците од ИСПРА, италијанскиот институт за истражувања и заштита на животната средина, покажуваат дека голем дел од населението е изложено на нивоа звучно загадување повисоки од препораките на СЗО за максимална бучава и дење и ноќе. Па сепак, неколку региони немаат донесено никакви закони во врска со звучното загадување, а помалку од две третини од општините одобриле инструменти за справување со звучното загадување.
Во Шпанија, околу 60% од населението секој ден е изложено на нивоа бучава што го надминуваат максималното ниво на СЗО, според податоците за 2024 г. со кои располага Здружението за спиење на Шпанија. Според Европската агенција за животна средина, звучното загадување предизвикува повеќе од 1000 случаи на прерана смрт и 4000 хоспитализации.
За звучното загадување донекаде е виновна и вревата на луѓето: Во некои историски населби на Мадрид, Барселона и Валенсија, каде што ретко има клима-уреди и отворените прозорци се главниот начин на разладување, летно време е вистинска невозможна мисија да се наспиете.
Судски тужби поврзани со вревата почнаа да се поднесуваат не само против ноќните барови, па се намножија и здруженија против бучава низ целата земја. „Единственото што нѐ разликува од другите земји е што сме побучни“, неодамна напиша шпанскиот писател Игнасио Пејро во дневниот весник Ел паис.
Во Германија, неколку од покраините побараа од сојузната влада во 2023 г. построги закони против сообраќајната бучава. Според статистичките податоци за истата година објавени од УБА, германската агенција за животна средина, околу 8,5 милиони Германци биле изложени на опасни по здравјето нивоа на бучава само од главните патишта, а 6,4 милиони страдале поради гласниот железнички сообраќај.
Екоактивистичката група Еколошка акција Германија бара да се ограничи брзината на 30 км/ч во населените места, како ефикасен начин за намалување на бучавата на улиците.
Звучното загадување во земјата кандидат за ЕУ членство Северна Македонија е слично на европскиот просек, но туристичката врева не е толку силна како на бројни популарни дестинации за одмор. Според податоците од министерството за внатрешни работи, Охрид, најпопуларната туристичка дестинација во земјата, добива најмногу поплаки поради вознемиреност од врева.
Време ли е да си набавите затки за уши?
Европскиот суд на ревизори во еден извештај објавен во јануари одблиску ги разгледа политиките на Европската комисија против загадувањето и ја искритикува поради пропустите и доцнењата во проценките и извештаите на земјите членки за звучното загадување. Со жалење забележа и дека ЕУ нема воведено гранични вредности ниту цели за намалувањето на бучавата.
На градовите им било тешко да преземат ефикасни мерки поради некоординираноста на властите, сомневањата во ефикасноста на мерките и отпорот од страна на жителите, се додава во извештајот. Препорача во Директивата за амбиентална бучава да се воведат цели што треба да се постигнат до 2029 г., кои ќе се однесуваат на цела ЕУ и ќе се усогласат со целите на изложеност на бучава препорачани од СЗО.
Непраќањето извештаи ја отежнува проценката на напредокот. Во проценката од 2025 г. на Европската агенција за животна средина се вели дека тешко ќе биде да се намали бројот луѓе вознемирувани од сообраќајна бучава за 30% до 2030 г. Остварениот напредок кон целта, во споредба со појдовната точка од 2017 г., бил само 2%.
Фото: ЕНР/ДПА/Европска комисија