Ученици бараат правда по несреќата во Дака – „Застарени авиони убиваат“
Стотици ученици протестираа денеска на местото каде што вчера се урна воен тренажен авион на воздушните сили на Бангладеш врз студентски дом во главниот град Дака. Бројот на загинати по несреќата се искачи на 31 лице.
Демонстрантите побараа одговорност од надлежните,. „точни“ информации за загинатите и повредените, компензација за семејствата и престанок на користењето на, како што ги нарекоа, „застарени и опасни“ тренажни авиони на бангладешките ВВС.
Меѓу загинатите, најмалку се 25 ученици, една наставничка која им подлегнала на изгорениците при обид да спаси други, како и пилотот на авионот.
Пожарникарите ја обезбедија локацијата во густонаселениот кварт Утара, додека воените власти продолжуваат со истрагата. Цивилната авијациска администрација не е директно вклучена во истрагата.
Денеска во Бангладеш е прогласен Ден на жалост, а националните знамиња се спуштени на половина копје низ целата земја.
Несреќата предизвика пожар во двокатната зграда на интернатот на средното училиште и колеџ „Мајлстоун“. Властите соопштија дека се спасени 171 лице, но многумина се со изгореници.